„Она што Министерот сега го зборува дека, во сегашните измени ќе се прави измена во делот на овозможување извоз на цвет, ние немаме проблем со таа измена. Но сметаме дека, во пакет со таа измена треба одат и други измени во смисла на овозможување на поголем пристап на пациентите до поквалитетни, различни видови на препарати, зголемување на листа која што може да се користи канабисот како третман, проширување на можноста и лекари од приватна пракса да можат да прават тоа, сегашниот закон предвидува само лекари од Јавно здравство. Значи, тоа е едниот аспект.“, рече адвокатката и правна советничка во „Маргини“ и ХОПС, Наташа Бошкова во вчерашната дебата во емисијата „360 степени“на ТВ Алсат.
Бошкова нагласи дека е против ситуацијата во која на правните лица се овозможува да произведуваат и извезуваат за профит, а на луѓе што одгледуваат мали количини за лична употреба да се санкционираат.
„Сметаме дека таквата ситуација не е фер, се овозможува на производителите, на моќните Правни лица да произведуваат, да извезуваат и од тоа да прават профит, несомнено тоа е интерес на државата, и немаме проблем со тоа. Но од друга страна сме против да луѓе одговараат кривично за одгледување или поседување за некоја мала количина за лична употреба.“, рече таа.
Бошкова, прашана дали мисли дека се блиску за наоѓање заеднички јазик со Владата, вели дека за прв пат после долг период има чувство дека се има двонасочна комуникација.
„Да. Тоа сум го кажала и во неколку наврати претходно дека, за прв пат после подолг период (имајќи предвид дека 20-тина години од наша страна доаѓа барањето за декриминализација) веќе има чувство дека е таа двонасочна комуникација. Веќе почнуваме да ги приближуваме ставовите, останаа отворени прашања коишто ќе треба да се доформулираат“, вели Бошкова
Таа истакна дека ја имаат декларативната поддршка од Премиерот и министри во владата и смета дека е дојдено време да се разговара за конкретни решенија коишто ќе бидат ставени на предмет на дискусија на Јавна расправа.
„Имаме декларативна поддршка од премиерот, еве Министерот за здравство. Ние неодамна имавме конференција меѓународна каде што учествуваше Министерот за правда, Министерката за труд и социјална политика, сите изразија свој личен став, и спремност да се влезе во процесот на формулирање во делот на декриминализација и легализација. Така што еве мислам дека е дојдено времето да некои од министерствата, еве може МЗ да поднесе информација до Влада, Владата да формира една работна група составена од поширок состав, институции, Невладини, експерти кои што ќе почнат веќе да зборуваат за конкретни решенија коишто ќе бидат ставени на предмет на дискусија на Јавна расправа. Ние вака дискутираме за секој свој лично како се замислува декриминализација – легализација, но месам дека треба да имаме на „хартија“ ставено некаква рамка која што ќе биде дадена на увид на јавноста и ќе може да дискутираат сите. Ние очекуваме ова да биде институционален процес. Значи, ние како Невладини може да седнеме и да ги напишеме предлозите и да ги предложиме како што се случи со амандманите во 2016-та, мината година ги поднесовме амандманите, еве сега пак сега застапуваме за амандманите.“, потенцира Наташа Бошкова во дебатата во емисијата „360 степени“на ТВ Алсат.
Ј. Ѓ.