пишува: ПЕРО АРСОВСКИ
Ја гледам онаа анкета на Телма вчера и некои бројки не ми влегуваат в глава, не можам да ги објаснам и поврзам со животот и настаните сега и околу нас. Ете, би требало, се надевав, разликата меѓу најголемите македонски партии да биде многу поголема, а не само 0,6 %. Зошто?
Па затоа што едните од петни жили се борат со најтешката криза што сме ја имале досега (здравствена, економска, политичка), да спроведат неопходни и итни реформи за да поправат и закрпат нешто од државата која претходната власт ја растури, стави во своја служба за да можат да крадат. А истите тие (сега опозиција), со уште поголеми „петни жили“, секој ден со сите сили и пари, не обѕирајќи се на тоа дали нешто е вистина или не, добро ли е за народот или не, какви последици ќе има тоа по државата – растураат, попречуваат, протестираат за сé и сешто, корумпираат медиуми, лажат само за да ја тргнат и оцрнат сегашната власт, па колку сака нека чини. Само за да се спасат од казни, да се вратат и да продолжат со пирот.
А народот – 0,6% разлика!!! И ми светна дека ова што ние го нарекуваме Парламентарна демократија е фудбалска лига. Тимови, првенство, сојуз, играчи, тренери, пари, судии, кладилници, местења, меѓународни и домашни првенства, репрезентации, награди, фондови, кампањи, дресови, знамиња, борби и организации на НАВИВАЧИ. На бројот на навивачите и нивната поддршка не влијае ни играта на тимот нити моменталното место на табелата. Тимските бои се икона и не се менуваат, тие се прашање на чест, гордост, постојаност и сила. Ако тимот не е шампион, се гледа со сите средства да се симне тој што е на чело на табелата. Тепачки, паради, навреди, закани, местенки, поткупи на судии, делегати, местење резултати, црни пари… само да се симне тимот што води.
Какви последици ќе има тоа за спортот, за фер плејот, за квалитетот, за меѓународниот углед, ич не им е гајле. Ама бојата е икона, знамето, тимот, силата се свети. Тимот не се менува ни за жива глава, се бори, се покажува сила, се манифестира, се пцуе, тепа, крши, се организира, руши зашто тимските бои се религија, они се во крвта, лична карта, ДНК!
Тимот е најдобар на кое и да е место, колку и да губи, мести, краде, лажира… не е важно.
Важно е да сме тука заедно, да сме наши, исти, војска, армија, сила! Навивачи. Затоа е 0,6%, 0,4%, 0,00027%! А лигата, спортот, натпреварите, првенства, меѓународните успеси… кој ги… Па нека ни е Среќна Новата…
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.