Збогум 2020та.
Турбулентно патување беше, спој на анксиозности и возбудливи моменти. Ни покажа што е важно, а што е минливо. Ни го направи животот тажен и далечен, но во исто време не сплоти и спои. Отвори и изнижа животни судбини, сложувалки со добри и лоши моменти.
Јас лично, после 10 години почнав да се возам во лифт, се заглавив, и утредента пак се качив во лифт. Фала ти годино!
Создаде стравови, но и сруши. Анксиозност и будење. Исполнети желби и основни далечни копнежи. Ролеркостер кој вечно ќе го паметиме. Моето патување овие 365 дена беше неверојатно брзо и космички емотивно.Многу плачев годинава и многу се смеев, раснев низ твоите лавиринти паѓав во напади на паника, но паѓав и во напади на љубов. Создавав и рушев. Дишев полека и брзо. Научив дека нема шанси да ти оди се по план, ама пак си купив планер. Почнав да ги чувствувам сите сетила. Научив дека најважен е допирот. Копнеам за долго гушкање со моите дома. За да играм претстави без престан, за добра долга журка. Ме научи да ги ценам малите работи, пијалок со другарка, гужва на плоштад и добра песна во ноќен клуб. Ме научи да се сакам себе си, таква каква што сум, но повеќе да ги сакам моите луѓе – кои се мој одраз во огледало. И да не си ок е ок – е нешто што е мото годинава и се е ок – се додека дишеш и се надеваш.
За нас и за целиот свет . Само здравје и љубов – се друго е ветер и магла!
2021ва – за година полна љубов.
Ве сака вашата,
В.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Б. Ј.