Продавници, градежни компании, угостителски објекти, хотели, текстилни фабрики и печатници. Владата го објави списокот на компании кои примиле државна помош, а не исплатиле ноемвриска плата. Најмногу се фирми од Скопје, Тетово и Гостивар. Вработуваат од 1 до пет лица, но има и такви кои имаат и по педесетина. Сите ќе бидат блокирани од УЈП доколку во рок од седум дена не ги исплатат платите.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, велат дека газдите кои зедоа државна помош, а не исплатија плати, се „алчни и себични, и дека се виновни што работниците ја започнаа новата година без плата“.
„Алчните газди по петти пат оставија работници без никаква егзистенција, а иако УЈП овој пат дејствуваше веднаш, се покажува дека и тоа не е доволно и дека и покрај сознанијата и информациите во јавноста кои ги изнесуваме и ние и државните институции за одговорноста за овој вид на злоупотреби, повторно има работодавачи кои немаат милост ниту спрема работникот, ниту пак се плашат од државата и од казни.“ – велат од Сојуз на синдикати на Македонија.
Инаку, дури 125 фирми сè уште не исплатиле плата ниту за април, мај или јуни, иако државата им дала пари. По барање на УЈП, се очекува Јавното обвинителство да покрене кривични постапки за овие работодавачи.