Околу 6000 дози вакцини се очекува да стигнат во државава првично од Фајзер. Откако тие ќе стигнат, ќе стигаат и втор и трет пакет на вакцини и очекувањата се тоа да оди во континуитет, нагласи премиерот Заев на денешната прес-конференција.
Премиерот истакна дека од ЕУ е побарано 5 проценти од дозите што ги имаат да ги споделат за земјите од Западен Балкан како знак на солидарност.
„Првите испораки од вакцини во земјите членки на ЕУ кои се некаде 15.000, 20.000, 5.000 дози за една држава во зависност од големината на земјите, веќе стигнаа, а ние баравме барем 5 проценти од тоа што го имаат да го споделат со земјите од Западен Балкан, за да покажат солидарност. Секој ден порано пристигање на вакцините е добродојден. Очекувам на дело да ја видиме солидарноста на ЕУ овие денови, зашто тоа е еден од најизвесните начини уште во јануари да ја добиеме вакцината. Потоа очекуваме регуларна и редовна испорака на вакцините.“, нагласи Заев
Тој најави дека најверојатно приоритет ќе имаат здравствените работници, хронично болните, а ги спомна и граѓаните кои имаат изгубено член од семејството, евентуално да имаат приоритет при вакцинацијата.
– Уште еднаш потенцирам, ќе дадам личен пример и ќе ја примам вакцината во моментот кога ќе бидат запазени протоколарните активности, рече Заев
Ќе се води јавна кампања, наместо владина кампања, која останува да биде укината, за да се подигне свеста за вакцинацијата, истакна премиерот Заев на денешната прес конференција.
Ј. Ѓорѓиоски