Веќе во 4 попладне, ми се чини дека видов 100 подобро средени жени од мене. За поубави и да не зборувам. Барем 50 поубаво накитени елки. Барем 20 семејства, кои за разлика од моето, не се скарани во нервозите од подготовките за празниците.
Божиќ е. Работам попладне од дома. Гледам сите колачи на Инстаграм излегле подобро од моите. Сите се во вечерни фустани, додека јас лежам во пижами. Гледај, Божиќ во светкави сандали.
Божиќ е. Работам попладне од дома, читам црна хроника во која пишува како девојка од Калифорнија починала среде операција за зголемување на задникот. Влегувам на нејзиниот профил.
Пред операцијата имала совршен задник. Била прекрасна и жива. Нејзината роденденска прослава била мирна. Немало околу 13 милиони следбеници и пријатели, како на Инстаграм. Се собрале неколку роднини, родителите, блиски пријатели. На прославата немало никој поради кој девојката би сакала да си го зголеми задникот.
Дали таа девојка знае што воопшто е Инстаграм? Машина која служи да ги прави жените несреќни, обичните дрвца да ги прави љубоморни на нактените елки, обичните задници да ги прави тела кои не заслужуваат лајк?
Божиќ е. До 8 часот навечер секоја слика која ја видов на Инстаграм беше совршена. Совршена елка. Совршени колачи. Совршени сопрузи и домаќинки. Совршено чисти домови.
Нешто, сепак, не ми се поклопува. Не ми беше јасно што.
Утредента малку се опоравив од сите тие совршени елки, жени и колачи на Инстаграм. Ми беше роденден.
Им се јавив на трите блиски пријателки. Една од нив ме собра со автомобилот за да одиме дома кај третата. Следно на што се сеќавам е станот полн со моите пријателки, прскалки, торта, целата Инстаграм опрема за роденден и огромно изненадување.
Од забавата која следеше имам една слика. Тоа беа најубавите неколку часа оваа година, а јас имам само една слика. Немам ни Story кое требаше да го снимам кога ќе влегувам.
На сликата дувам свеќи. Немам ни слика на која сум презгодна и држам балони со бројот 30. Ништо не сликнавме.
Но, на Инстаграм го имам моето селфи на кое сум тажна и разочарана поради моите неуспешни колачиња, елка и животот, кое го закачив пред таа забава. Собра стотина лајкови.
Можеби некое девојче мисли дека тоа бил најважниот, совршен момент од мојата година.