Сојузот на здруженија на дијабетичари соопшти дека доставил барање до Министерството за здравство за набавка на најнови и иновативни терапии за лицата со дијабетес, кое било земено предвид при креирањето на тендерската спецификација во новиот јавен повик за набавка на инсулини.
Согласно сите достапни информации, посочува Сојузот, овие терапии овозможуваат подобра гликемиска контрола, а со тоа и помалку коморбидитети или каква било друга непосакувана последица.
– Со оваа одлука нашите здравстени власти ни покажаа дека нашите барања ги антиципираат и имплеметираат при носењето на нивните одлуки, за што како пациентска организација им искажуваме јавна благодарност. Креирањето на оваа тендерска спецификација за нас претставува добар пример како треба да изгледа соработката на сите заинтересирани страни. Во Република Северна Македонија од 2018 година, со надополнувањето на законските прописи за паралелен увоз, се подигнаа критериумите за контрола на сите увезени серии на инсулини, односно нивната дистрибуција се реализира преку официјалните дистрибутери. Контролата на процесот на складирање и дистрибуција на инсулинските препарати е постојано реализирана од страна на МАЛМЕД и со тоа ние како пациенти треба да бидеме сигурни во запазувањето на сите чекори пред да го подигнеме нашиот инсулин од инсулинските аптеки, додаваат од Сојузот на здруженија на дијабетичари. /МИА/