Албанските власти објавија дека воените трупи доставуваат храна и вода за семејствата на северозападот од земјата, кои беа изолирани од неодамнешните поплави поради обилните дождови. Досега не се пријавени жртви или загуба на добиток.
Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека најмалку 36 семејства биле евакуирани во окрузите Љеш и Драч, како и домовите на околу 20-тина други граѓани за кои е утврдено дека се „непогодни за живеење“ по штетата во поплавата, пренесува АП.
Властите известија за поплавени 7.450 хектари земја во Скадар, Љеш и Драч, уништени се некои мостови во руралните области, а некои патишта биле привремено блокирани поради лизгање на земјиштето.
До неколку села мож да се стигне само со воени камиони или мали чамци.
Поради дождовите во централна и југозападна Албанија, постои и опасност од зголемување на водостојот на бреговите на реките, но состојбата останува стабилна.
Властите стравуваат дека дождовите преку ноќ може да создадат повеќе проблеми, имајќи предвид дека следните часови, според премиерот Еди Рама, ќе бидат „најкритичните“.
Се предвидуваат врнежи од околу 140 милиметри.
Лошите временски услови и обилните дождови донесоа многу проблеми и поплави и во некои области на Косово. Една од најпогодените општини е Каменица, каде се урна мостот во селото Хајноц. Некои куќи се поплавени, а и многу патишта се под вода. Премиерот Авдулах Хоти најави обештетување. Во соопштението на Министерството за инфраструктура, се апелира граѓаните да бидат внимателни додека возат или се движат по клисурите и речните долини.