Со 95 гласа „за“, Собранието денеска го избра новиот состав на Државната изборна комисија, чиј претседател ќе биде Александар Даштевски, предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Даштевски беше член на ДИК пред 15-тина години, а неговата последна функција беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.
Со изгласувањто на Предлог-одлуката избрани се и потпретседател и членови на Државната изборна комисија. Потпретседателка на ДИК е Дитмире Шеху од ДУИ. Членови во новиот состав ќе бидат досегашните Борис Кондарко и Радица Ристеска, Оливер Ристовски поранешен заменик министер за правда по предлог на СДСМ, Бобан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Кренар Лога предложен од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Предлог одлуката претходно помина на Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со поддршка од 9 гласа по што, Собранието на пленарната седница ја усвои едногласно, при што беше запазен и принципот на двотретинско мнозинство, потребен за носење на вакви одлуки.
Инаку, мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15-ти јануари, кога треба функциите да ги преземат новоизбраните членови.





