Со раст на светската популација и преселба во градовите, се создава потреба од нови градови, опремени со висока технологија, кои на луѓето ќе им обезбедат простор за живот и работа во што е можно поеколошко опкружување. Ова се дел од градовите кои полека се создаваат и почнуваат да личат на нови урбани смарт – метрополи
Мајдар сити, Монголија
Монголскиот главен град се гуши во смог и сообраќај. За да се реши овој проблем, се гради нов град јужно од Улан Батор. До 2030. година во Мајдар сити треба да живеат 90.000, а подоцна и до 300.000 жители. Градот го дизајнираше архитектот Штефан Шмиц од Келн. Симбол на еко-градот во камената пустина би требало да биде најолемата статуа на Буда во светот.
Неом, Саудиска Арабија
Саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман вели дека Неом ќе стане најсигурниот, најефикасен и најмодерен град во светот. Во новата специјална економска зона на Црвеното Море ќе бидат вложени 500 милијарди долари. Еколошкиот град со висока технологија би требало да креира услови за млади луѓе и да има сопствено законодавство. Првата фаза на изградбата треба да заврши до 2025. година.
Масдар сити, Абу Даби
Еколошкиот град Масдар сити во Обединетите Арапски Емирати требаше да биде готов во 2016. година. Во меѓувреме е отфрлена целта градот да биде целосно без емисија на штетни гасови, а завршувањето е одложено за 2030. година. Меѓународната агенција за обновливи енергии, ИРЕНА, и компании како Сименс веќе се вселија во градот, но жители нема.
Линганг, Кина
Линганг Њу сити, во близина на Шангај, би требало да стане нов комерцијален центар. Го дизајнираа „Геркан, Марг и партнери“ од Хамбург. Градот нуди животен простор за 800.000 луѓе. Работни места би требало да бидат создадени во високотехнолошки истражувачки центри, во контејнерското пристаниште Јангсхан и во зоната на слободна трговија.
Еко Атлантик сити, Нигерија
Пред Лагос, багерите насипуваат градежно земјиште за да направат место за луксузниот финансиски центар и станови за околу 250.000 луѓе. Еко Атлантик сити ќе биде град со трговски центри, пристаниште и облакодери. Во Нигерија повеќе од половината жители живеат во сиромаштија, па критичарите во Еко Атлантик сити гледаат изолирана населба за богатите.
Белмонт Смарт Сити, САД
Според интернет-страницата на проектот, зад плановите за Белмонт Смарт Сити во Аризона во САД стои основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс. Околу 70 километри од градот Феникс, ќе биде изграден град за речиси 200.000 жители, место за тестирање на вмрежување „паметни“ куќи, „паметна“ работа и „паметен“ град. Проектот уште е на почеток.