По новогодишните празници се зголемуваат барањата на граѓаните за прегледи во Ковид-центарот во тетовската клиничка болница, информира координаторот д-р Гзим Нуредини. Повеќе има и луѓе на болничко лекување од минатата недела кога имало само 13 хоспитализирани, но според надлежните, општата здравствена состојба е подобра од порано.
-На болничко лекување сега има 20 пациенти кои се со добра здравствена состојба. Разликата со тоа од порано е што претежно сите хоспитализирани беа во тешка состојба, а сега само неколку се потешко, а сите други се со послаби симптоми. Индикатор е амбулантата, но сега и времето не знаеме како влијае на инфекцијата и проширување со Ковид-19. Најлошото мислам дека го поминавме, изјави д-р Нуредини на денешната прес-конференција.
Според неговите податоци, за преглед се јавуваат 30 до 40 лица дневно во Ковид-центарот, а изминатите недели имало и под 20.
-Секако, не се сите позитивни, доаѓаат за преглед со симптоми и сакаат да се тестираат. Од друга страна, кај персоналот има помалку болни и во изолација, околу 12. Порано дури и лекари беа хоспитализирани, изјави докторот.
Тетовскиот регион по бројот на активни случаи е на второ место во државата веднаш по Скопје.