„Треба да ги прифатиме како добар тренд податоците на статистика за откупот и продажбата на земјоделски производи во третото тримесечје од 2020 изнесува во висина од скоро 5 милијарди денари, што е 15,7 отсто зголемување во однос на истиот период лани. Владата продолжува со стимулирачки мерки како „Млад земјоделец“ со поддршка до 10 илјади евра , „Рурална жена“ со 3.000 евра како и за нов агробизнис со 20.000 евра. Од голема важност е и искористување на мерките од ИПАРД програмата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство. Ќе следат и повици за земјоделско земјиште, инвестиции, зелена нафта и за мерка од ИПАРД која ќе финансира инвестиции во рурални средини како сместувачки и угостителски капацитети, старечки домови, капацитети за обработка на дрво, пчеларство итн.“, вели премиерот Заев во интервјуто за „Капитал“.
Тој нагласува дека оваа година ќе се направи сѐ за да максимално да се искористат средствата наменети за агросекторот и руралниот развој и ја подвлече приватизацијата на државно земјоделското земјиште во функција на развојот.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и Платежната агенција се ставени во систем за информациите да допрат до земјоделците и да се искористат достапните средства и знаење. Заедничката цел ни е развој на македонскиот аграр и поголем рурален развој во земјата. Она што ќе донесе дополнителен стимул во земјоделското производство е приватизацијата на државно земјоделското земјиште во функција на развојот. Приватизацијата ќе се одвива согласно одредени услови. Првиот услов е да не смее да се урбанизира, поточно се забранува да биде пренаменето за било која друга намена освен земјоделска. Дополнително, ако новиот сопственик на земјоделското земјиште истото не го обработува или не го изнајми, ќе плати три пати поголем данок Земјоделството е голем потенцијал за државата и ако го ставиме во функција и земјоделското земјиште ќе се повлечат кредитни линии, ќе се инвестираат заштедени пари, што ќе значи и отворање на работни места, ќе се поттикне зголемување на извозот, на домашната продукција, а преку тоа ќе се зајакне конкурентноста на националното земјоделско производство.“, истакнува Заев.
Премиерот истакна дека пазарни цени на земјоделското земјиште што е во државна сопственост вреди повеќе од 2 милијарди евра и напомнам дека нема да се дозволат злоупотреби
„Согласно анализите, земјоделското земјиште што е во државна сопственост по пазарни цени вреди повеќе од 2 милијарди евра, а ние очекуваме 200 до 300 милиони евра или 10 до 12% од тоа што би се продало согласно интересот на граѓаните и на домашните компании. Планот е до крајот на јуни 2021 година да ја завршиме дебатата за законските решенија, а со завршувањето на кризата најдобро е да влеземе во прогрес на оваа иницијатива. Имаме и национални големи компании кои сакаат да инвестираат. Во оваа прилика сакам да напомнам дека нема да се дозволат злоупотреби за што државата има соодветни алатки за да си го заштити јавниот интерес.“, потенцира премиерот Зоран Заев во интервјуот за „Капитал“.
Ј. Ѓ.