Лани низ Скопје се поставени 200 нови контејнери со зафатнина од 3,2 метри кубни и 500 нови корпи за ситни отпадоци. Во овој период, запалени биле 70 контејнери, а сторителите се непознати. Нови 47 возила за собирање ѓубре и чистење и миење на улиците низ Скопје ќе купи годинава јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Од претпријатието велат оваа набавка ќе се реализира пролетва и со тоа многу поефикасно и поквалитетно ќе се извршуваат активностите, објави Сакам да кажам.
„Лани за три проценти беше зголемено количеството на подигнат отпад од домаќинствата во Скопје односно собрани се 158.476 тони комунален отпад. Преку координирани заеднички активности со Градот Скопје и останатите градски јавни претпријатија, беа реализирани акции за генерално чистење на сите скопски општини, како и комплетно расчистување на двете страни на кејот на реката Вардар, каде што беа поставени 120 нови корпи наменети за одлагање ситни отпадоци. Изминатите 12 месеци, исчистено е над 9.000 метри кубни отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти“, велат од „Комунална хигиена“ во извештајот за работата во 2020 година.