пишува: ПЕРО АРСОВСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
– Што праите, луѓе?
– Им ги палиме плевните на ВМРО-вците, а после тие нашите.
Позната ви е онаа вечна дилема: чекате автобус веќе 18 минути, ви се пуши ви се плаче. Ако запалите, сигурно ќе се појави, а сигурно е дека ако тргнете пеш до следната станица, ќе ви избега на пола пат. Ја имате ли таа дилема?
– Што праиме? – ме прашува вчера малиот Ѓорѓи.
– За што мислиш, за корона вирусот, за Бугарија, за вакцината, за пописот, Собранието, судиите, Владата?
– Па за сè – ми вели и чека одговор.
Се подумав малку, па му одговорив…
– Гледам дека се трудат, трчаат, работат, грешат, поправаат, реформираат, градат, се борат. Со пандемијата не сме назад ни од многу побогатите и поразвиените системи, вакцината доцни, со Бугарите приказната е стара, сега актуелна, апсурдна и подмолна. Со пописот, судовите, образованието, законите во Собранието, полицијата, социјалата, економската криза и многу мангупи во своите редови… Негде грешат, негде се во право, но се трудат во ова тешко време.
А наоколу, секој ден, час, минута: сопки, опструкции, омраза, лажни вести, корупција, шпиони, купени новинари и медиуми, администрација, Даштевски на чело на ДИК. Да, многу работи што ветија – не направија, многу обиди пропаднаа, многу лопови и криминалци ја одбегнаа правдата, ама се трудат да тргнеме напред. Не сме ни сонувале колку длабока била дупката… Што сè не е инсталирано, смислено, конструирано, изградено за да може долго и непречено да се краде, сокрие, изнесе надвор или напика во банки перници, џебови. Протести, блокади, говори, лаги, омраза и многу, многу украдени пари.
Сега ќе мора секој да си реши, ќе пали цигара, ќе тргне пеш или ќе почека да дојде автобусот! Но едно е јасно: патот мора да се оди. Има уште многу работа.
Судовите да се чистат, криминалците да се судат, полицијата да контролира, чува и казнува, за подобро образование, за секое дете, старец, здрав или болен. Да се гради, планира, чисти, чува. Тоа е третата опција која со децении ја бараме, кој и да е на власт. Таа е во нас и помеѓу нас. Нема дома и надвор, се е дома. И улицата и паркингот, реките, езерата, планините, училиштата, тротоарите, Собранието, Владата, ДИК, пописот!
– Плевните не треба да ги палиме, туку да градиме нови. Кога се става плоча на нова куќа, сите мажи и жени, цело село помагаат. Така нè учеа, а не знам да ли сè уште е така. Да помагаме, да одиме напред, да градиме и учиме, тоа е нашата Трета опција. Да ги отфрлиме и казниме оние што лажат, крадат, нè трујат со омраза. Подалеку од нив, ќе се задушат. Тоа нека биде нашата „Заклетва“, и нашето „Тешкото“.
Ме гледа малиот Ѓорѓи и молчи.
На крајот од тој долг молк, изговори само едно „Уф!“ и продолжи по патот.
Дали ќе трча до следната станица или ќе пуши цигара, не знам.