пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Емоциите поврзуваат. Спојуваат. А Скопје е град кој раздвојува: Да се биде изнасилено кул, значи да се биде блазиран, да се биде блазиран, значи да се биде туѓ, дури и на самиот себе. Ние не сме непосредни, не само поради граѓанските обѕири, туку и затоа што сме далеку еден од друг. Не знаеме кој нè научи на тоа, уште повеќе, мислиме дека тоа е така затоа што никој не можел нити знаел да нè учи на животот, со оглед на тоа дека знаењата на татковците во оваа поднебје на синовите им се непреносливи и бескорисни. Животот е работа како и секоја друга и треба да знаеш да ја обавуваш. Во таа смисла, ние сме самоуки и, како и со свирката, на гитара или клавир, понекогаш, на почетокот, криво научениот прстомет, знае подоцна да создава непремостливи проблеми. И меѓу нас недостасуваат тие спојки и помеѓу нас постојат непремостливи бездни. Во овој град се живее во мали оази на друштвеноста, во мали уточишта во кои бегаме пред неговото студенило, зашто сите ние ја знаеме таа непотребна тесноградост која, усовршувана со години, за жал дегенерира до омаловажувањето како начин на преживување: Ние знаеме да бидеме за глава поголеми само ако за глава скратиме некого, од овој град може кој било да замине или во него да се врати, а ние тоа да не го забележиме, или повеќе не се ни забележува дека не боли курац дека тоа не го забележуваме. Како и во целата нација, не постои особа околу која би постоел консензуален минимум како околу неспорна историска фигура, се плашам да го кажам зборот: величина. Никој тука не е доволно голем. Веројатно така полесно живееме, обезглавени, глајхштахувани. Не ги поднесуваме исклучителните, а тоа е одлика на малите луѓе.
Ова е на Романо Болковиќ.
Текст во кој на самиот почеток Скопје е вметнат на местото на неговиот Загреб. Сите елементи од неговата анализа совршено одговараат за профилот на Скопје и на скопјани, нема тука ништо вишок. Но, има работи кои недостасуваат. Како круната на кралицата во сликата на Веласкез, јас ќе се обидам да ја досликам.
Болковиќ го пишува ова по повод смртта на Боуви, драма во кој тој открива како стегнатите, притаените чувства на загрепчани излегуваат и луѓето се пројавуваат понормални отколку што во редовниот ритам, без смртта или друг некој шок, сакаат да се претставуваат.
Јас сум кај смртта на Бранка Станковска како повод.
Жената која беше важна фигура, комуникациски код на новиот идентитет, на новата нација во раѓање, на нејзиниот јазик како главно обележје, фронтвуман на групата Македонија, заедно со МНТ, Драмски, Радио Скопје, МТВ, со Танец и со Танцовиот оркестар на МТВ, со Матицата на иселениците, со МПЦ, со ФК Вардар… Немаше ниту комеморација. Само топли зборови на нејзините колешки, пријателки и слушателки и слушатели, се разбира. Не се сеќавам дека државниот врв испрати телеграми со сочувство. Но, затоа, во заедничката комисија, ќе се тепаме до последното око на војниците на Самоил.
И Старделов отиде така. Како гомбровичевска птица на која никој не обрнува внимание и нема да ѝ го знае гробот. Имав сериозни спорови со човекот, мислам дека на крајот ме презре како недостоен Македонец или така некако, антимакедонец, денеска тоа е вообичаено, но тој со сиот свој идеен баласт и багаж, беше учен човек каков што тука нема да се роди дури и ако вмро собере три пратеника за да ја собори владата.
Тоа покажува дека нашата битка за идентитетот е театрална, позерска и политичка, но суштинска не е.
Ние сме фолклорна нација.
Односно не сме нација.
Ние сме друштво за заебавање на оние што сакале или сакаат да не направат нација.
Тоа израснува во една закономерност во која губитокот е правопропорционален на напорите на тие што глумат и борба и идентитет.
Еве неколку елементи кои го дефинираат поразот:
Растурањето на средната класа на комунизмот, структура која во финишот на пропаѓањето на системот, веќе се беше ослободила од комунистичкиот баласт и беше станала, во културна и идентитетска смисла, граѓанска категорија и по таа линија и национална кота, да не речам – утврда.
Тој распад се случи како рефлексија на светските процеси, на транзициските разјебаности во Македонија, но, особено, поради појавата на алтернативната свињарија, леплива и ослободувачка и смртоносна, таа на вмро-дпмне. Идејата, демек дека е дојдено времето да се ослободиме од југословенските комплекси, заборавајќи на југословенските втемелености, и на претставата за слободата и богатството што ги гледавме по телевизиските реклами и од дистанца по крвавите боишта во умирачката Југославија. Плус шиптарите на кои можевме да ја вежбаме супериорноста како што Србите ја вежбаа на нас и на Албанците во Југославија.
Тоа беа оптиките и перспективите.
Кои предизвикаа и предизвикуваат страшни катаклизмични последици, чисти катастрофи за една мала, ранлива, фрагилна, млада нација, во судирот со реалниот свет кој немаше и нема врска со булазнењата на вморонската стока и на нивните глупантропски сателити.
Кикифрики, Владемики и Ајворики.
Втората работа беше губењето на единствените перспективи и тоа што во комунизмот го викавме извесност на иднината и помалку или повеќе еднакви шанси за сите. Заедно со кариерниот систем и образовната основа на тој систем.
Тоа, исто така, отиде у курацот за кој до утре можеме да расправаме дали бил благ, млак, здрвен, но, сеедно, бил, курац, место кај што се наоѓаме во моментот.
И расцепот во единството на перспективите. Некои глупаци и тупаци стана богати преку партиските релации, и не само тоа, станаа фактори, министри, директори и секретари, некои фини, чесни луѓе, останаа без работа затоа што не отидоа во партиите… луѓето почнаа да имаат проблеми да ги воспитуваат своите деца.
Глупантропстството стана исплатливо.
И ги воспита, главно, трагично погрешно.
Сè отиде у курац.
Третата работа е скопјанизирањето на Македонија.
И во комунизмот луѓето се доселуваа во Скопје. Јас сум еден таков. Мускетар од Свети Николе. Но, во тоа време средната класа што ја споменав ги асимилираше дојденците и ги култивираше, некои стануваа членови на таканаречената елита, други стануваа образовани индустриски работници. Имаше и по некој лудак, глупак и чудак, но во однос на денешната пандемија, тоа беа само интересни поединци кои заедницата ги примаше со извесна доза на симпатија. Овие што изнадојдоа во последните триесетина години ја асимилираа оставштината на комунистичката средна класа и направија поплава од просташтво.
Македонија денеска е како голема кино сала во која немиени типови грицкаат семки, ги фрлаат корупките на подот, прдат, пуваат, ги собуваат кондурите, смрдат.
И уживаат.
Унковски, сега скоро рече некаде дека од Скопје треба да се земе Камениот мост и уште една две згради и да се пресели на друго место. Веројатно мисли на Камениот мост пред да го дадат во козметичкиот салон на Ѕинго. Но, се согласувам со неговиот гнев. Треба да и изградиме споменик на короната која го здржа населението тука. Сега ни останува да чекаме некој вирус што ќе не опамети. Имам нешто во фрижидерот. Мрда!