Илјадници револтирани жени, тинејџерки и нивни поддржувачи се вратија на улиците во Полска синоќа, по веста дека ќе стапи на сила пресудата со која се запира прекинувањето на бременоста исклучиво за фетални аномалии – буквално единствениот вид на абортус кој се дозволува во земјата, објави Њујорк Тајмс денеска, пренесува „Цивил медиа“.
Тоа практично значи тотална забрана на абортусот во земјата. Според лондонски Гардијан, околу 400.000 луѓе протестираа против политиките на полската конзервативна влада по прашањето за абортусот.
Иако одлуката беше донесена во октомври од страна на Уставниот трибунал, нејзината имплементација беше одложена откако покрена протести кои траеја цел месец. Вчера, владата објави дека конечно пресудата се објавува во владиниот журнал, што значи дека стапува на сила.
Полска веќе имаше еден од најограничувачките закони за абортус во Европа, со процедура легална само во три случаи: фетални аномалии, бремености кои произлегуваат од силување или инцест и закани по животот на жената.
Демонстрантите во Варшава маршираа кон седиштето на владејачката Партија на законот и правдата и скандираа „Мислам, чувствувам, одлучувам!“ и „Слобода на избор наместо терор!“. Можеше да се слушне и песната „Ќе преживеам“ (I will survive).