Случувањата со „Јавна соба“, сексуалното насилство и вознемирување на жените и малолетниците беа фокус на емисијата „200“ на новинарот Назим Рашиди на ТВ Алсат, во која учествуваше и медиумскиот истражувач и активист на Цивил, Петрит Сарачини, кој зборуваше за начинот на кој овие теми се рефлектираат во интернет просторот и на социјалните мрежи. Сарачини констатираше дека жените секојдневно се соочуваат со директни и индиректни сексуални напади и вознемирувања, и дека тоа е последица на повеќе општествени фактори.
„Видете, велат дека вината е секогаш сирак, но за сè може да се конкретизира. Вината, најпрвин е кај насилниците, тие кои вршат насилни дејства кон жените, било сексуални, индиректни или директни. Не само типови кои ја имаат оваа позиција поради интимниот пристап кон одредено лице, туку типовите кои имаат моќ, како работодавачи или некој авторитет. Еве гледаме случаи на наставници, кои го злоупотребиле нивниот авторитет за да уценуваат жени. Тргнувајќи од оваа вина, потоа можеме да побараме вина за тоа – кој ги гради овие луѓе? Ги гради семејството, медиумите, образованието, средината. Виновниците лесно се наоѓаат преку анализа. Потоа можеме да се запрашаме: кој ги гради овие медиуми, овој општествен систем, ваквото деградирано образование, овој простор каде што комуникацијата е насилна, нема умерена комуникација, искрена, директна, без пцости и навреди?“, запраша Сарачини во неговото гостување во „200“.
Според него, за пресврт и менување на состојбите се потребни длабоки реформи во повеќе сфери, од кривичната сфера, па сè до едукација на најмладите.
„Сето ова ни кажува дека, доколку сакаме да направиме пресврт, треба да влеземе до длабински мултидимензионални реформи, почнувајќи најпрвин на кривичната сфера, за која зборувавме пред малку во емисијата, па се до образованието на најмалите. Значи, уште од најмала возраст да изразуваме почит еден кон друг, да го разбереме родот или полот, не едноставно како категорија за репродукција. Тоа е филозофија сама по себе. Целото сексуално битие на човекот не е поврзано само со сексуалните органи“, истакна Сарачини.
Сарачини потсети и на претходни случаи познати за јавноста, кога жртви на жестоки вербални напади на полни сексизам и мизогинија поради нивни јавни ставови беа и политичарката Арта Точи од Алијанса за Албанците или пред тоа Ермира Мехмети од ДУИ.
„Ова не го прават луѓе кои паднале од небо на интернет, туку се луѓе кои живеат во ова општество. Кога вие ја силувате жената на овој начин за различни теми во јавноста, ја дамкосувате, ја озборувате, и го споменувате семејството итн. Што да зборуваме за ситуација кога жената е сама во непосредна комуникација со едно такво насилно лице“, рече Сарачини. /ЦИВИЛ МЕДИА/