Деновиве се слушаат гласови дека сме брзале со реформата во образованието, но јас го мислам спротивното, ние веќе доцниме со реформите кои требаше да се направат пред една деценија, рече премиерот Зоран Заев на денешната јавна дебата за образовната реформа во Собранието.
„Реформите требаше да се случат пред десетина години…. Кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзуваме. Првпат во последната деценија во нашата држава се прават реформи на транспарентен начин и вклученост на сите страни, а во најдобар интерес на учениците“, изјави Заев.
Ресорната министерка Мила Царовска пак, рече дека реформите се нужни, повеќе од потребни, бидејќи децата учат од неквалитетни учебници по несоодветна програма, а тоа секако е на штета на младите.
„Сите истражувања потврдуваат дека нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини и не можат да го развијат својот полн потенцијал поради лошиот образовен систем. Податоците од ОЕЦД, УСАИД, значат уништени генерации и запоставени и заборавени идни човечки потенцијали“, рече Царовска.
На јавната дебата учествуваат претставници од Владата, МОН, наставници, професори, директори на основни училишта, ЗЕЛС, МАНУ, професори од педагошките факултети и невладини организации.
 
			

 




 
 
