Ли Венлианг, офталмолог во болницата во Вухан, стана една од најистакнатите личности во раните денови на епидемијата кога се обиде да предупреди на коронавирусот, но полицијата го замолкна бидејќи „ширел гласини“.
Лекарот (34) починал од коронавирус на 7 февруари, предизвикувајќи јавна жалост и изливи на гнев на Интернет.
Неколку дена подоцна, истакнатиот епидемиолог Жонг Наншан во интервју за Ројтерс го нарече „херој на Кина“.
Но, кога претседателот Кси Џинпинг им оддаде почит на „хероите на народната војна“ против вирусот во септември, тој не го спомна придонесот на Ли.
Иако луѓето на улиците во близина на болницата каде што работел Ли, велат дека животот во градот главно се вратил во нормала, тие го почитуваат Ли за неговите постапки.
Новинарите на Ројтерс денеска ја посетиле областа на болницата каде ги следеле двајца мажи во цивилна облека кои се претставиле како „безбедност за паркирање во болница“, а локалните чувари спречиле снимателот да го снима влезот во болницата.
„Тој прв не извести за вирусот“, рече Ли Пан (24), сопственик на онлајн продавница. “Тој сигурно знаеше дека ќе има големо влијание, но како и да е, го вклучи алармот. Беше навистина храбро”, додаде Ли.
Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) се во Вухан, испитувајќи ги раните фази на епидемијата на коронавирус и се подготвуваат да ги објават своите откритија, изјави вчера за Ројтерс членот на тимот Доминик Дваер.
Прашањето за потеклото на вирусот стана високо политизирано, а некои кинески дипломати и државни медиуми поддржуваат теории дека вирусот потенцијално потекнува од друга земја.
Иако 80-годишниот Џијан Венд не го знае потеклото на вирусот, тој смета дека Ли е херој и посочува „ние треба да го одбележиме неговиот придонес во борбата против пандемијата“.