Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе по 30 години доби систем за греење и ладење со што се создадоа соодветни услови за одржување на културните манифестации во оваа установа.
Системот е инсталиран со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа во износ од 6 милиони и 100 илјади денари, а останатиот дел од 2 милиона и 400 илјади денари се обезбедени од општинската каса.
– Министерството за локална самоуправа инвестира и во областа на културата. Преку целосното спроведување на планираните проектни активности во вредност од 8.571.524 денари, Домот доби соодветни просторни услови каде во иднина културните работници ќе можат да ги надоградуваат своите драмски, литературни, музички, фолклорни и филмски потенцијали и капацитети, како и да го промовираат својот талент преку размена помеѓу други културно-уметнички и едукативни организации во и надвор од регионот. По завршуваше на пандемијата се надеваме дека ќе продолжат културните настани како што се одвиваа и претходно. Очекувам општината и во иднина да предлага проекти кои ќе се од добробит за граѓаните во Св. Николе, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски при посетата.
Со ова се очекува да се намали потрошувачката на електрична енергија и да се заштедат финансиски средства, кои понатаму може да се пренаменат кон дополнително унапредување и издигнување на културните навики на населението.
– Ова е еден значаен проект за жителите на Свети Николе – климатизација односно затоплување и ладење на салата при Домот на културата. За инвестицијата ни помогна Министерството за локална самоуправа во износ од 6 милиони и 100 илјади денари и дел буџетиравме односно финансиравме како општина во износ од 2 милиона и 400 илјади денари. Со ова им овозможивме на нашите граѓани да се одвиваат сите културни манифестации без разлика на временските услови надвор, очекуваме да заврши корона кризата и тука да биде центарот на културните настани, истакна градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.
Директорката на Домот на култура Мартина Богданова посочи дека по 30 години во оваа институција е обезбедена климатизација, односно затоплување и ладење на кино салата.
– Се надевам дека кога ќе заврши оваа пандемија, ќе можеме во најнормални услови да одржуваме културни манифестации, рече Богданова. /МИА/