Државниот инпекторат за труд изврши координирани надзори кај 74 правни субјекти кои зеле финансиска помош од кои 10 се текстилни фабрики, истакна на денешната прес-конференција директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска.
Таа истакна дека при извршените надзори утврдени се неправилности кај 41 работодавач и согласно законот, донесени се 41 решенија со опомена на работодавачите да ги отстранат утврдените неправилности. Тренчевска додадее дека неправилностите се за неисплатена плата и придонеси во законски утврдениот рок, како и доплата на плата до износот на минималната плата кај оние работодавачи кои исплатиле плата во износ понизок од утврдениот минимална плата.
„Инспекторатот по донесените решенија изврши 17 контролни инспекциски надзори со цел утврдување дали е постапено по донесените решенија: Десет од нив ја отстраниле неправилноста односно ја исплатиле платата, шест не постапиле и не исплатиле плата, за што е изречена инспекциска мерка Решение со наредба и даден е рок за постапување. Кај еден работодавач кој не постапил по Решението со наредба изречена е глоба и издаден е прекршочен платен налог.“, рече Тренчевска.
– Спроведените контроли имаат ефект, а тоа се констатира од намалениот број на неправилности , што значи превенцијата и зачестените инспекциски надзори доведоа до поголема одговорност на работодавачите, потенцира Тренчевска.
Ј. Ѓорѓиоски