Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска направи увид во тековните активности од проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување на ромската заедница во Општина Виница“.
Во приджруба на раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, и градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, беше истакнато дека се работи за важен проект вреден околу 500 илјади евра, главно обезбедени од ИПА 2 – Акциска програма 2017 на ЕУ и кофинансирање на локалната самоуправа.
– Ова е програма со која се подобруваат условите за ромското население во општина Виница, а проектот вклучува неколку компоненти. Прво е легализација на нелегално изградените домови, при што ќе се легализираат 265 куќи, а досега во катастарот се внесени 55 објекти. Втората компонента е реконструкција и подобрување на условите за живеење во 22 куќи на ромски семејства. Дополнително, 622 жители Роми кои живеат во Блок 18 во Виница ќе влезат во деталниот урбанистички план на градот, при што ќе добијат подобрени инфраструктурни услови, истакна министерката Шахпаска.
Со проектот веќе е изградена и поплочена со бехатон плочки една улица во Ромското маало во Виница, која доби и соларно осветлување, а има и нов начин на собирање на комуналниот отпад за што се обезбедени соодветни контејнери.
Министерката Шајхпаска додаде дека вклучувањето на маргинализираните и ранливите категории граѓани ќе продоложи и во наредниот период, а тоа ќе биде еден од главните приоритети на Министерството за труд и социјална политика.