Вкупно 9.200 бракови биле склучени изминатата година, 4.614 помалку, или со пад од 33,3 проценти за разлика од 2019 година. Кај разводите, во 2020-та година се забележува пораст од 14,7 проценти, со тоа што имало 2284 разводи, или 294 повеќе од 2019-та година.
Според податоците од Министерството за правда до кои што дојде МИА, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во 2020-та година, на територијата на Република Северна Македонија, биле склучени вкупно 9.200 бракови, за разлика од 2019-та година, кога биле склучени вкупно 13.814.
Низ изминатите 11 години, во просек, годишно се склучувале по 12.650 бракови.
Од друга страна, кај разводите, се забележува пораст од 12,8 проценти. Од вкупно 26 Основни судови на територијата на РСМ, за МИА, 23 доставија одговори за правосилни одлуки по основ на развод во надлежност на нивниот суд. Со податоци од 23 Основни судови, бројката на разводи е за 294 поголема од 2019 година, кога изнесувала 1.990.
Во просек, изминатите 11 години годишно имало по 1.767 разводи.
За голем дел од младите, пресуден факт беше тоа што беа оневозможени најубавиот ден од својот живот да го прослават на начин каков што сакаат, бидејќи, изминатата година, една од најпогодените индустрии од пандемијата со Ковид – 19 беше и угостителската индустрија. Угостителството доживеа целосен колапс со забраната за одржување на веселби и прослави од страна на Комисијата за заразни болести. Меѓутоа, од Независната угостителска комора велат дека свадбите, како дел од традиционалните прослави, и покрај тоа што беа забранети на кој било начин да се оддржуваат во угостителски објекти, истите беа масовно организирани во приватни изданија или на приватни имоти.
– Пандемијата Ковид-19 не ги спречи луѓето да се венчааат, односно, склучат брак. Матичните служби, регистрацијата на младите, наместо на традиционалниот начин, во канцеларија, ја правеа на лице место или во нивните домовите. Во вакви услови, младите беа принудени своите животни веселби за кои традиционално свиреа зурли и тапани и се играа ора, да ги прилагодат на новонастанатата ситуација и услови, со цел на некој начин, сепак да ја одбележат својата свадба, појаснуваат од НУК.
Во однос на загубата од нереализацијата на свадбените прослави во 2020-та година, од НУК велат дека е тешко е да се пресметаат реалните бројки бидејќи истите не се одржуваат само во т.н. угостителски објекти специјализирани за организација на свадби туку и во сите останати угостителски објекти и хотели.