Вакцината против ковид-19 може да ја прими секој што се чувствува здрав, а тие што прележале ковид може да се вакцинираат најмалку еден месец по целосното оздравување, како што и се препораките од Светската здравствена организација (СЗО) и меѓународните искуства, вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација за СДК.
Препораката на здравствените власти е тие што прележале ковид-19 скоро, бидејќи имаат антитела дека можат да причекаат подоцна да се вакцинираат и да остават можност да се вакцинираат тие што немале до сега контакт со вирусот.
Лицата кои прележаа ковид-19 со тешка состојба и лежеа во болница, после еден месец пак ги викаат во болница на контрола. И тие, како што велат специјалистите, може да почекаат уште некој месец, иако не е контраиндицирано, ако веќе се оздравени повеќе од еден месц и тие да примат вакцина против ковид-19.
„Нема да се прават никакви тестирања и анализи на крвта, ниту ќе се оптоварува здравствениот систем со претходни проверки, туку секоја состојба треба индивидуално да се процени. На вакциналниот пункт ќе има лекари и ќе се пополнува прашалник со согласност. Официјална препорака е дека вакцина може да прими секој што е во добра здравствена состојба без имунолошки заболувања“, изјави д-р Грозданова.
Претпазливост треба да има само кај:
- Хронично болни што во моментов имаат намален имунитет, кај автоимуни заболувања и лица што во моментов примаат имунотерапија;
- Кај тие што имаат алергија на некакви лекарства или претходно јавиле посериозни алергиски реакции;
- Кај пациенти што прележале ковид со сериозна клиничка слика, со компликации или имаат состојба на т. н. продолжен ковид.
Грозданова вели дека тоа не значи дека тие пациенти не смеат да примат вакцина. „Сите тие можат да примаат вакцина, но со задолжителна претходна консултација со лекарот-специјалист кој ги води“, вели таа.
Извор: Сакам да кажам





