„Во Универзална уште долго некои нови клинци ќе ги изведуваат твоите дела кои ќе сведочат за тоа убаво време што го поминувавме живеејќи со твојата музика. Мирно море и вечна слава!“, објави градоначалникот на Скопје Шилегов после собирот за оддавање почит на Ѓорѓе Балашевиќ на граѓаните пред Универзалната сала во Скопје.
На платото пред Универзалната сала во Скопје вечерва се собраа неколку стотици граѓани за му оддаваат почит на пејачот и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ.
Скопје тагува за големата легенда Ѓорѓе Балашевиќ кој зад себе остави бројни стихови кои засекогаш ќе останат во сеќавањата на многу генерации и ќе живеат вечно.
На настанот насловен „Скопје за Балашевиќ“ на голем видео бим се редаа фотографии на Балашевиќ, додека во исто време во позадина се слушаа неговите најголеми хитови.
Присутните обожаватели на „панонскиот морнар“ од сите генерации оставаа цвеќе, играчки и палеа свеќи, споделувајќи спомени за Балашевиќ.
И во Хрватска граѓаните на Сплит на „Перистил“ се простуваа од Балашевиќ.
Српските медиуми јавија дека градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, ќе го прогласи денот на погребот на пејачот и текстописец Ѓорѓе Балашевиќ за Ден на жалост.
Балашевиќ почина вчера во Клиничкиот центар на Војводина како последица на пневмонија.
Тој доби бројни награди за својата работа, а исто така беше назначен и за амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
Ј. Ѓ.