Владата ќе спроведе и едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за справување со корупцијата тргнувајќи од оценката дека од особена важност е и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи. Оваа одлука Владата ја донесе на вчерашната седница.
Целта на кампањата, као што соопшти Владата, е на „ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна“.
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски ја најави кампањата уште на 11 јануари, кога на прес-конференција ги презентираше идните владини мерки во реализацијата на вториот приоритет од владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“.
Владата вчера исто така донесе одлука да се спроведе едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за заштита и за имунизација на населението од Ковид-19 и го задолжи Генералниот секретаријат во рок од 15 дена во координација со Министерството за здравство и со Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.
Во информацијата усвоена на седницата, нагласено е дека комуникацијата во едукативните кампањи ќе биде релевантна и поврзана со прашања од највисок интерес на граѓаните, објективна, информативна и непристрасна и ослободена од политичко-идеолошки бои или позадини.
Карактеристика на едукативните кампањи ќе биде пропорционалност и рационалноста во соодветното искористување на ресурси кое ќе гарантира дека вложените средства и ресурси ќе бидат насочени на ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна.