Вакцините за COVID-19 од Pfizer-BioNTech и Sputnik V се администрираат интрамускулно, во две дози во интервал од 21 ден. Тоа опфаќа целосна вакцинална серија и не се препорачува луѓето да примат повеќе од една целосна COVID-19 вакцинациска серија.
Втората доза на вакцината треба да биде администрирана што е можно поблиску до препорачаниот интервал, но не порано од тоа (3 недели). Ако втората доза се администрира во период од 4 дена пред препорачаниот датум за втора доза се уште ќе се смета за валидна. Ако не е можно да се почитува препорачаниот интервал и е неизбежно одложување на вакцинацијата, втората доза на вакцината може да биде администрирана до 6 недели (42 дена) по првата доза. Моментално, само малку податоци се достапни за ефикасноста на COVID-19 вакцините надвор од овој период.
Вакцини од различни производители не треба да се мешаат. Со цел да се осигура примање на втора доза со соодветниот продукт и интервал меѓу дозите се препорачува секој примател да ја чува вакциналната картичка и да направи копија (сликање со телефонот).
Луѓе со претходна или тековна SARS-CoV-2 инфекција
Податоците од клиничките студии укажуваат дека COVID-19 вакцините кои се авторизирани за употреба може безбедно да се даваат на луѓе со доказ за претходна SARS-CoV-2 инфекција. На луѓето треба да им се понуди вакцинација, независно од историјата за претходна асимптоматска или симптоматска SARS-CoV-2 инфекција. Не се препорачува PCR тестирање за проверка на акутна SARS-CoV-2 инфекција или серолошко тестирање за проценка на претходна инфекција.
Вакцинацијата на луѓе со документирана тековна инфекција со SARS-CoV-2 треба да биде одложена до поминување на акутната болест (ако лицето имало симптоми) и исполнети се условите за завршување на изолацијата. Оваа препорака се однесува и на тие што имале инфекција со SARS-CoV-2 пред првата доза, како и оние кои имале SARS-CoV-2 инфекција меѓу двете дози.
Постојните докази укажуваат дека ризикот за SARS-CoV-2 реинфекција е низок во првите месеци по иницијалната инфекција. Заради ограничената достапност на вакцини, вакцинацијата на овие луѓе привремено може да биде одложена.
Пациенти кои претходно примале конвалесцентна плазма
Примање на конвалесцентна плазма не е контраиндикација за COVID-19 вакцинација. Ако во тек на 90 дена од примањето на конвалесцентна плазма е примена една доза на COVID-19 вакцина, не е потребна втора доза.