После денешната објава на список од „истакнати“ имиња од С. Македонија, што имаат бугарски пасош врз основа на декларирано бугарско потекло и се идентификуваа како етнички Бугари, на што со реакција излезе ВМРО-ДПМНЕ и демантира дека ниту еден од посочените функционери на партијата немаат бугарски пасош, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов излезе со дообјаснувања.
Каракачанов, екслузивно за македонскиот портал Трибуна.мк, изјавил дека никаде не се спомнува ВМРО-ДПМНЕ, ниту дека имињата што фигурираат на списокот се функционери или пратеници од партијата и не знае зошто се препознале од ВМРО-ДПМНЕ, пренесува Слободен печат.
„Не сум кажал или напишал дека имињата што ги објавив се на македонски пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно тие имиња мене ми зборуваат нешто. Не знам зошто се случуваат тие бурни реакции. Не сум рекол дека тие се пратеници, но од ДПМНЕ се препознаа. Секој може да влезе во избирачките списоци во Бугарија и да види дали тие имиња ги има таму. Тоа не е тајна информација и секој може да ја провери. Повторувам дека не тврдам дека тие имиња што ги објавив се пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но морам да кажам дека во избирачките списоци за претстојните избори во Бугарија има уште многу интересни имиња. Секој кој што сака да се позанимава истите може да ги види објавени на интернет од страната на Централната избирачка комисија без никаков проблем“, вели Каракачанов.