Според анализата на ИЈЗ за периодот од 1 до 7 март бројот на деца до девет години потврдени со ковид-19 се зголемил за дури 104, а за периодот од 8 до 15 март за истата возрасна група бројот се зголемил за 116, односно за половина месец вкупно се регистрирани нови 220 деца позитивни на вирусот, објави 360 степени.
Во болницата во Козле има хоспитализирани деца кои имаат потреба од кислородна поддршка поради намалената сатурација, информираше директорот Бесник Зекири.
Од почетокот на пандемијата, 2.254 деца до деветгодишна возраст и 4.938 млади лица на возраст од 10 до 19 години заболеле од Ковид-19.
Основното училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпош од вчера во целост има онлајн-настава поради тоа што со КОВИД-19 се заразени десетина наставници, како и ученици до трето одделение кои, според здравствените протоколи, наставата ја следат со физичко присуство.
Ова е прво целосно затворање на основно училиште во Карпош во оваа учебна година поради коронавирусот. Од Општината велат дека во останатите девет основни училишта на територија на Карпош состојбата со вирусот не е алармантна и наставата продолжува да се одвива со физичко присуство за помалите ученици и онлајн во погорните одделенија.
Вкупно 64 ученици и 88 наставници кои следат настава со физичко присуство се позитивни на ковид заклучно со податоците до 15 март на Министерството за образование и наука.
И. З.