Собранието попладнево ја продолжи 30. седница во чии рамки без многу дискусија ја заврши расправата по неколку предлог закони од економската сфера. По сите предлози за кои заврши расправата, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се гласа дополнително.
Пратениците ја завршија расправата по Предлог законот за дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, кој има за цел превенција и зајакнување на заштитата на здравјето на населението од ширењето на вирусот КОВИД 19 во услови на вршење трговија на мало.
Промената на постојниот закон за трговија произлегуваат од фактот што мерките за превенција од КОВИД 19 со кои се воспоставува ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија на мало-продавници, самопослуги, маркети, пекари, дуќани и слично, биле воведени со Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба лани.
-Бидејки одредбите од оваа Уредба со законска сила имаа примена за времетраењето на вонредната состојба, како и 200 дена по престанување на траењето на вонредната состојба, заклучно со 9 јануари 2021 година., истата ќе престане да се применува. Со оглед на фактот што пандемијата на КОВИД 19, не само на територијата на Република Северна Македонија, туку и во светски рамки е во полн ек, со тенденција да зазема се поголем замав, особено во месециве од зимскиот период кои следат, се наметна потребата мерките за превенција од КОВИД 19 кои се воспоставени со Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба да бидат преточени во законски одредби т.е. да бидат дел од Законот за трговија, со што би се обезбедило континуитет во нивната примена, а воедно истите не би биле временски ограничена, односно мерките би се применувале се додека трае пандемијата, се вели во образложението на измените.
Без дискусија завршена е и расправата по Предлогот за изменување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за занаетчиство, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, и Предлог законот закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, сите во прво читање.
Во рамки на оваа седница заврши расправата и по нов Предлог-закон за лобирање, кој треба да ги уреди начелата на лобирање, условите за стекнување статус на лобист, регистрирањето на лобистите, водењето на Регистарот на лобисти, правата и должностите на лобистите, активностите кои не се сметаат за лобирање, надзорот над лобирањето и мерките што можат да му се изречат на лобистот заради непочитување на одредбите од Законот.
Основна цел на предложениот закон е транспарентност на процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики односно програми, закони, подзаконски или други општи акти. Целта на носењето на овој закон е поефикасна превенција на корупцијата.
Од започнувањето со примената на постојниот Закон во септември 2008 година до денес, се покажало дека тој не се применува доследно и не ги дава поскуваните ефекти.
Со предложеното законско решение лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на: – закони, подзаконски или други општи акти; – јавни политики односно програми што ги носат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики односно програми се однесуваат на просторното планирање, развој и доделување, односно распределба на јавни средства.
Лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира, со цел конкретно насочено влијание врз процес односно врз содржина на јавни политики односно програми, прописи и други општи акти, а кој контакт се остварува вон утврдена и започната постапка односно процедура и не претставува јавно соопштен став односно мислење, ниту пак учество на повик односно на барање на орган кај кој се лобира во работа на подготвување, разгледување или барање односно давање фактографски информации односно податоци или стручни мислења за иницијативи и предложени решенија за јавни политики, програми, закони, други прописи и општи акти.
-Лобирањето не претставува односно не се однесува на судски или управни постапки, постапки што се спроведуваат согласно прописите што ги уредуваат јавните набавки и постапки во кои се одлучува за права и обврски на поединци, комуникација со граѓанин во врска со остварување на индивидуални права, комуникација чиешто обелоденување може да претставува закана по безбедноста на кое било лице или по безбедноста на државата, граѓанска иницијатива покрената согласно закон, комуникација со синдикати односно со претставници на синдикати кога ги застапуваат интересите на своите членови во преговори за условите за вработување и работа, како ниту комуникација меѓу службени лица во орган на законодавната власт, орган на извршната власт или орган на единица на локалната самоуправа која ја остваруваат во рамки на својот делокруг на работни задачи односно функции.
Лобирање, согласно предложениот закон, не е комуникација меѓу именувани односно назначени членови во тела формирани од органите на законодавната власт, органите на извршната власт или органите на единиците на локалната самоуправа, за целите на разгледување, проценување и анализирање на прашања од јавната политика, заради известување на органите од кои телата се формирани, комуникација со или во име на меѓународни организации, комуникација со или во име на политичка партиј, ни комуникација помеѓу здруженијата и фондациите, регистрирани согласно Закон за здруженија и фондации, со претставниците, односно органите на законодавната власт, извршната власт и органите на единицата на локалната самоуправа.
Лобирање може да вршат само домашни или странски физички лица лобисти регистрирани согласно одредбите од Законот. По исклучок, во име и за сметка на лоби организација (домашно или странско правно лице) лобирање може да врши застапник по закон, вработен или овластено лице на лоби организацијата. Лобирање може да се врши само по претходна регистрација (запишување во Регистарот на лобисти, лоби организации и лобирање кој го води Државната комисија за спречување на корупција). Лицето кај кое се лобира може да провери дали лицето кое бара да оствари контакт односно со кое има интеракција има статус на лобист или е претставник на лоби организација.
Собраниската седница продолжува со расправа по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита и по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, двата по скратена постапка.
извор: МИА