Бранот оставки во германската ЦСУ не стивнува. Тобиас Цех од Христијанско социјална унија (ЦСУ) е уште еден пратеник кој го врати својот мандат во Бундестагот. Причина за тоа се обвинувањата дека вршел консултативни услуги за политичка партија во Македонија додека бил пратеник. Цех го демантира ова, објави германски Фокус, а пренесе Слободен печат.
Тобиас Цех, член на Бундестагот од ЦСУ си поднесе оставка од сите партиски должности. Според „Мјуних Меркјури“, тој ги известил своите сопартијци во Горна Баварија во четвртокот за својот потег. Позадина се обвинувањата дека го измешал својот мандат и консултативните активности во 2016 година.
„Со цел да ги отфрлам сите потенцијали предрасуди, одлучив по своја волја да поднесам оставка од мојот политички мандат во Бундестагот како и од моите должности во партијата веднаш“, им напиша Цех на своите сопартијци. Неговиот сопартиец Бернд Фабрициус ќе го преземе неговиот мандат.
Генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Блуме, го поздрави повлекувањето на Цех. Одлуката беше „единствениот правилен чекор“, рече тој за „Меркјури“. Беше „логично да се избегне штетата во ЦСУ“.
Во текот на 2016 и 2017 година германскиот пратеник во повеќе наврати се среќавал со Груевски и тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и лобирал за нив.
По изборите на 11 декември 2016 година, кога Груевски не успеа да состави Влада и мораше да го врати мандатот, за новонастанатата ситуација на македонската политичка сцена му се пожалил токму на Тобиас Цех кога се сретнале во Малта на конгресот на ЕПП на 29-30 март 2017 година.
Извор: Слободен печат