пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Претпоставувам дека меморандумот на Република Бугарија во однос на состојбите за напредокот во решавањето на меѓусебните недоразбирања и спорови со Република Северна Македонија внимателно ќе го разгледате, ќе го прочитате и ќе го анализирате, за да донесете вистински, прави заклучоци, за тоа, кој на кого му диктира услови за членство, што бара и за што. Во меморандумот на вашата членка Бугарија, можете да прочитате ултимативни диктати кон соседна независна држава, кандидат за членство во ЕУ, а никаде во ниту еден пасус од содржината не ги потенцира, не ги нагласува вредностите, кои, ЕУ заедницата ги поставува како приоритетни вредности кои кандидатите мора да ги практицираат, на пример: владеење на правото, независното судство, и она најважното, правото на самоопределување како врвно индивидуално право на човекот, за национална, верска и полова припадност. Во меморандумот на вашата членка, во целиот текст преовладуваат антиевропски вредности, па преку класичната злоуотреба на статусот членка, поставува ултимативни релации базирани врз само нивни аргументи за историјата на соседната држава, за нејзиниот јазик, за националната припадност на луѓето во таа држава, и она најважното за негирање на неприкосновената волја на поединецот за самоопределување…
Не се невкусни ултиматумите на вашата членка врз Македонија како кандидатката за членство, во смисла на нивната аргументација за нашата извештаченост и јазична и национална, како новокомпонирана категорија на држава и јазик, замислете, од последиците на петдеценискиот живот под „режимот“ на Јосип Броз Тито. Гнасни се. Те оттурнуваат гушејќи те како густ чад од депонија, те присилуваат да ги заобиколиш како масовна журка или голема свадба во време на Корона. Бедни се…
Знаете ли што ќе се случи ако нивните аргументи за нашата “новокомпонираност“ како држава и Нација со посебен јазик под режимот на Тито, ќе почнеме да ја споредуваме со нивната параноја, посебно кон Македонците, и кинисаме да ги компарираме како последица, дефект, на нивниот петдецениски живот во сталинистички режим, под патронство на Тодор Живков? Ќе отвориме дебата како црна дупка која ќе ја проголта Вселената, а сите психијатри во светот нема да знаат да ни ја препишат терапијата…
Со преспанскиот договор свесно прифативме ултиматуми за да ви се придружиме. Додадовме Северна на името Македонија, и изјавивме дека нема да се мешаме во внатрешните работи на Грција во смисла на заштита на македонското малцинство во таа соседна држава, дека тоа ќе го сметаме за мешање во внатрешните работи на таа држава. Со договорот за добрососедство со Бугарија го направивме истото. Изјавивме и потпишавме дека немаме територијални претанзии кон источниот сосед, како, впрочем и кон која било друга соседна држава, и дека нема да се мешаме во внатрешните политики на Бугарија кон нивното практицирање на евроспките вредности за самоопределување на нивните жители. Дека ние нема да ги браниме луѓето кои таму се изјаснуваат за Македонци. Ало, ЕУ, се читаме ли, доволно ли е? Што барате повеќе од држава која не може да набави вакцини за едвај два милиони жители од сите балкански националности? Од кого се плашат нашите соседи, ем многу побројни, ем многу побогати, ем членки на НАТО и ЕУ? Од кого се плашите вие?
Помогнете ни да се справиме со децениската пљачка од лажните патриоти, од оние кои поставуваат мапи на голема Македонија, од оние кои најавуваат Конгреси во Солун, од оние кои кубат влакна од градите во замаглените биртии извикувајќи “цела да е, вечна да е, сао рома дае“, од оние кои само после третата се распостилаат со патриотизам. Баталете ја историјата. Помогнете ни да ги изнесеме пред лицето на правдата луѓето кои во името на Македонија истата ја опустошија, вратете ни го бегалецот од вашата членка, за да ги вратиме опљачканите милијарди евра. Помогнете ни час поскоро да се ослободиме од најголемото зло на оваа држава, од вмороните. И со вас, и без вас, ние ќе зборуваме македонски, ќе продолжиме да пишуваме со македонско писмо, ќе се изјаснуваме како Македонци, ама многу е побитно да станеме правна држава, одошто да ја матиме барата со лингвистички мантри од типот дали на К му треба апостроф горе за да стане Ќ, дали на Н му треба мевче за да стане Њ, дали Гоце бил Бугарин или Македонец, и дека сето тоа било резултат на комунистичката пропаганда на Тито, односно на паранојата на Бугарите од чизмата на Сталин…
Сакам да ви олеснам во вашите заклучоци по повод овој непринципиелен и заканаувачки, ултимативен меморандум, (што воопшто не личи на вредностите кои ги препорачува ЕУ), и ќе ве замолам да поставите директно прашање до сите врвни челници на вашата членка Бугарија, и секако, до истите во Република Македонија. Прашањето повлекува и куса анкета, за која верувам дека имате и можности и ресурси да ги спроведете за да изјаснувањата по заклучоците бидат цели. Еве како гласи прашањето до водачите на двете држави, Бугарија и Македонија:
„Дали во вашата држава жителите имаат право да го користат неприкосновеното човеково право на самоопределување, кое е темел и на постоењето на ЕУ, и да се изјаснат како Македонци, односно Бугари?“
Во меморандумот, веќе го имате одговорот на бугарските челници, ама не би било лошо ова да им го поставите. Сите ќе почнат да ве убедуваат дека таква Нација не постои, дека таков јазик не постои, дека македонска историја не постои дека се’ е тоа вештачка Титова творевина. Потоа појдете во Западна Бугарија и анкетирајте десетина жители за да го обезбедите конечниот одговор кој гласи: Таму има луѓе кои се самоопределуваат за Македонци, дека за тоа неприкосновено право со децении се борат, дека секогаш наидуваат на пречка која им го забранува, стопира, заканувачки негира приоритетното право на Европската заедница. Правото на самоопределување…
Истото направете го и во Република Македонија…
Дури потоа донесете заклучок. И не е дека не ги знаете одговорите, ама, да извините, да продолжиме да се зезаме со смешните проблеми на нашиот сосед и на тоа да не реагирате, ондак, во таква заедница после двата договори, дополнително да се гмизави човек, нација, народ, држава, налет и на пари и на инвестиции и на вакцини и на Ковид пасоши…
Тенкју…
Авторот е познати и како Боки Бургија. Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.