Во Клубот на пратеници сè е подготвено за изјавите на Зоран Заев и Мицкоски. Заев и Мицкоски во тет-а-тет средба досега се повеќе од час и половина зад затворени врати, каде како што беа најавите ќе се разговара за актуелни теми во интерес на државата и граѓаните.
Пред почетокот на средбата, премиерот и лидер на СДСМ, Заев, рече дека очекува да најдат заеднички решенија за пописот да се спроведе непречено, со целосна заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите и истиот да го поддржи и ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека останува отворен да разговараат и за прашања поврзани со работата на Собранието со цел да се отстранат сите блокади и да се обезбеди непречена работа во корист на народот, како и за темите поврзани со локалните избори наесен.
-Одам да разговарам, да чујам став и да поттикнам да вложиме максимум за интересите на граѓаните, истакна Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на средбата брифираат дека на маса ќе се стават најжешките прашања – прашањето за влада, темата со пописот, како и дијалог за законите кои ќе значат вистински бенефит за граѓаните.
Заев во клубот на пратеници пристигна точно на време, а Мицкоски иако беше иницијатор на средбата пристигна со десетина минути задоцнување.
Ј. Ѓ.
фото: А. Зеќири







