Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска прими претставници на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) , што во себе обединува 60 невладини организации кои ја претставуваат турската заедница во Република Северна Македонија.
На средбата претставниците на МАТУСИТЕБ, соопштија од кабинетот на Пендаровски, ја претставиле работата и севкупните активности на организацијата во однос на зачувувањето и промовирањето на националниот и културен идентитет на турската заедница во нашата држава.
Претставниците на МАТУСИТЕБ го информирале претседателот Пендаровски за формирањето и активностите на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, како и за нивните заложби за спроведување успешен попис.
Претседателот Пендаровски, стои во соопштението, изразил поддршка за напорите на организацијата за соодветна и правична застапеност во пописните комисии, а со цел резултатите од овој процес да ја дадат реалната слика на теренот.
извор: МИА