Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на официјалното отворање на новиот објект „Развигорче“ при ЈОУДГ „Детска Радост“ во населеното место Прдејци , Општина Гевгелија.
„Новата градинка има капацитет да згрижи 20 деца. Можеби звучи како мала бројка но пораката е многу значајна. Како ресорно министерство и како Влада сериозно вложуваме во грижата за секое дете на територијата на цела наша држава. И децата во Прдејци имаат право да бидат вклучени во воспитно образовниот процес, а со тоа влезат во образовниот процес подготвени,“ изјави министерката Шахпаска.
Министерката истакна дека Министерството за труд и социјална политика сериозно вложува во изградбата на нови и проширување на постоечките капацитети на детските градинки, со цел поголем опфат на деца во нив. Градинката „Развигорче“ е единаесетта нова детска градинка за само 7 месеци, а со тоа се обезбеди згрижување на 670 нови дополнителни места.
Градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков изјави дека ова претставува уште една потврда за одличната соработка помеѓу локалната и централната власт, а со Министерството за труд и социјална политика заедничката грижа за иднината на најмладите, децата. Притоа, тој потенцираше дека ова не единствен заеднички проект на општината со министерството, како и дека соработката продолжува и понатаму.
„Населеното место Прдејци брои околу 380 жители и капацитетот на новата градинка од 20 деца целосно ќе одговори на потребите на неговите жители,“ рече Поцков.
			




