Режисерката Нела Витошевиќ повикува на интеракција – споделување на приказните од публиката за реализација на новата претстава „Работи за кои не зборуваме“, што во нејзина режија ја спрема театарот „Wonderland Theatre”.
„Wonderland Theatre започнува со подготовки на нова претстава „Работи за кои не зборуваме“, базирана на наши и ваши лични искуства кои сме ги потиснувале во себе и не сме имале храброст да ги споделиме. Вашите сведоштва/приказни ќе бидат инспирација за нашата театарска претстава, а анонимноста ќе ви биде зачувана. Театарот нѐ тера да погледнеме длабоко во себе и да го соочиме општеството со неговата искривена слика.“, во објава на Фејсбук истакнува режисерката Витошевиќ.
Таа вели дека преку претставата сака да им се даде глас и лице на работите за кои не зборуваме и да мотивираме разговор и промена во општеството. Секоја приказна заслужува да биде раскажана, секоја стега отклучена и секоја неправда посочена, нагласува Витошевиќ.
„Дали имате некоја приказна која ви тежи и ве прогонува, а сѐ уште не сте собрале храброст да ја раскажете?
Болка, траума, срам, осуденост, злоупотреба, безизлез, параноја, несоница, неприфатеност, лажна насмевка, крварење, изгубен апетит, брзо возење, тресење под јорган, голтање апчиња, повраќање во шолја, зјапање во празно, плачење под наочари, бегство, триење под туш, губење здив, заглавеност во момент од животот…“, вели Витошевиќ.
Вашите приказни може да ги споделите на следниве линкови:
https://www.wonderlandtheatre.org/raboti-za-koi-ne-zboruvame
https://www.wonderlandtheatre.org/gjera-per-te-cilat-nuk…
Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада во Северна Македонија, со поддршка од Министерство за култура, во соработка со Македонски народен театар.
Ј. Ѓ.