Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании, објави пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска.
Откако до вчера не можеше да се обезбеди кворум за работа на собранието и донесување на Законот за петтиот пакет економски мерки, пратениците од владејачкото мнозинство кои се позитивни од Ковид – 19, решија во заштитна опрема да присуствуваат на седницата.
„Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот.
Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив.
А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот – но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата.
Граѓаните ќе победат и уште еднаш ќе видат колкава РАЗЛИКА ИМА меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ односно меѓу тоа да правиш СЀ ЗА народот и да правиш СЀ ПРОТИВ народот.“ наведува во објавата Костадиновска Стојчевска.
Социјалдемократите вчера истакнаа дека се подготвени на потполно нов приод во работата на Собранието, ако опозицијата не сака да учествува и да помогне во обезбедувањето на потребниот кворум за работа и за донесување на петтиот пакет антикризни мерки.
Тие навестија дека ќе бидат принудени, пратениците од мнозинството кои се болни од ковид да бидат донесени во салата и да учествуваат во работата со скафандери.
Инаку, помалку познат факт за пратеничката Костадиновска е дека таа е внука на командантот на Седмата ударна бригада во НОБ, Пецо Гудовски.
Ј. Ѓ.