Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за денешното потпишување на договорот за заем за изведба на БРТ системот за брз автобуски превоз во Скопје, вели дека ова е историски ден за Скопје.
„Со денешното потпишување на договорот за заем меѓу Град Скопје, Министерството за финансии во Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој и официјално почнува постапката за изведба на БРТ системот за брз автобуски превоз во Скопје.
Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно со условите кои ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за градот, туку е успех и за целата наша држава.
Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје.“, објави на Фејсбук градоначалникот Шилегов.
Целиот систем за новиот јавен транспорт ќе биде дигитализиран. Картите како такви ќе дадат безброј можности кои што граѓаните ќе можат да ги користат на секој начин. Ќе може да се купи карта за еден час и да се користат во останатиот систем на ЈСП и Бас Рапид Транзит системот, кој ќе биде интегриран во системот на јавниот транспорт и ќе има единствена карта, рече градоначалникот на Град Скопје на денешната прес-конференција по повод потпишување договор за заем за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз во Скопје.
J. Ѓ.





