Македонскиот главен град на своите жители, сега за сега, може да им понуди „лондонски“ и други автобуси како понуда во јавниот превоз. Денес беше најавена изградбата на т.н. „Bus Rapid Transport“, а градските власти уверуваат дека со реализацијата на оваа сообраќајно решение, придобивките ќе бидат видливи.
Скопје, како град во кој, неофицијално, живее повеќе од 1/3 од вкупното население во државата, има исклучително ретка превозна мрежа во јавниот сообраќај. Со други зборови, освен автобусите и такси превозот, главниот град на Македонија не поседува никакво друго превозно средство кое би служело за јавен превоз. За несудениот априлски попис, меѓу другото, имаше лицитација со бројки дека Скопје како централен град ќе се соочи со цифра, без малку, од еден милион жители. Утврдувањето на оваа бројка останува за во септември, но дури и на територијата на Скопје регистрирано живеалиште да имаат граѓани чиј број ќе биде помал, факт е дека бројката од последниот попис во 2002 година ќе биде и тоа како надмината.
Од друга страна, несразмерниот пораст на нови жители на Скопје, до сега, не беше проследен со никакво решение во однос на сообраќајниот хаос со кој се соочува нашиот град. Пренатрупаноста со возила, недоволниот број на јавни, но и приватни паркиралишта и зголемениот број на жители, доведуваат до тоа, за град кој на површина и не е огромен, некогаш да треба и повеќе од очекуваното време за поминете од неговиот исток кон запад.
Градскиот татко, Петре Шилегов, кој се наоѓа во последните месеци од неговиот четиригодишен мандат, денес го најави стартот на проектот за „брзиот автобуски превоз“. Хибридното решение кое не е ниту трамвај, ниту тролејбус, ниту класичен автобус, се очекува да има две линии, од кои првата е најавено да е готова до 2023 година, а втората дури во 2025 година.
За поздравување е фактот што ваквото одржливо и „зелено“ решение е новитет на Балканот и Скопје ќе биде првиот град кој ќе воведе ваков начин на јавен транспорт. Изградбата на ова решение ќе се финансира благодарение на одобрената помош од ЕБОР. Можеби соседните Атина и Софија имаат метро, во Солун истото е во изградба, Белград има трамвај, но затоа македонската престолнина ќе може да се пофали со нешто што го имаат Виена, Хелсинки, Стразбур, Стокхолм и други европски метрополи. Останува проектираното да биде спроведено и скопјани конечно да добијат модернизиран јавен превоз на патници.
Иван Дургутов