Младински форум на тема „Од локална стратегија до локална младинска акција“ се одржа денеска во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум.
На настанот присуствуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, нејзиниот заменик Арафат Шабани и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз, кои заедно со учениците од основните и средните училишта дискутираа за младинското учество и волонтерството.
Како што соопшти МЦГО, Царовска ја нагласи важноста од поттикнување на младинскиот активизам и истакна дека Министерството ќе продолжи да ги поддржува младите. Посочи дека МОН во изминатиот период стана пријател на учениците, студентите, младите научници и истражувачи и младите активисти и дека речиси во секоја работна група што ја формира за каква било цел што нив ги засега, има по еден или повеќе претставници на категоријата која е во фокусот во конкретната акција.
– Имаме и посебна група наречена МОН – Млади преку која имаме низа заеднички успеси и искрено како министерка, не сум изненадена од придонесот, затоа што и очекував активност од нивна страна. Преку таа соработка детектираме потреби и предизвици, разгледуваме иницијативи, креираме решенија и ги имплементираме, рече Царовска.
Американската абасадорка Кејт Брнз им порача дека секој од нас може да создаде можности и да најде решенија на проблемите со кои се соочуваме.
– Ова е меѓу клучните американски вредности. Вашата проактивност за разубавување на училишните дворови, јавните простори, паркови и игралишта, за подигнување на свесноста за проблеми со врсничко насилство и слични проблеми на младите и вашето
застапување пред претставниците од општините за да се направи заедницата почиста, побезбедна и поубава, се доказ за вашата светла иднина и иднината на вашата држава. Ние го поддржуваме младинскиот активизам и граѓанското учество. Вие сте иднината и силата во општеството, истакна амбасадорката на САД.
МЦГО информира дека во изминатите месеци, 150 ученици од 30 училишта од 10 општини учествуваа на онлајн-работилници на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во нивните општини. Преку онлајн-средби за застапување, тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка.
-Така учениците успеаја да ги реализираат нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам. Процесот продолжува и понатаму со повеќе вклучени ученици и општини. Во партнерство со локални организации, училишта и локални заедници, УСАИД во земјава ја унапредува социјалната инклузија, меѓуетничката хармонија и граѓанските вредности. Преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се создаваат можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници и се поттикнува нивната креативност и младинско учество, соопшти Македонскиот центар за граѓанско образование.
извор: МИА