Согласно респектабилната невладина организација од Америка, Фридом Хаус, Северна Македонија претставува светол пример помеѓу транзиционите демократии и земјите од Западен Балкан, во поглед на демократскиот напредок. Ова рангирање ја вброи земјава во оние со нагорен тренд на демократизација и особено ги истакна подрачјето на национално демократско управување и изборниот процес.
Извештајот говори дека владиниот состав, предводен од социјалдемократите, вложува напори да ги поправи институционалните штети нанесени од претходниците кои беа десно ориентирани и дека уште поголеми демократски придобивки допрва се можни. Во документот кој анализира 29 држави, нашата држава е помеѓу оние малкумина кои бележат плус на контото на демократизацијата. Иако општиот впечаток е дека загрижувачки е падот на демократијата на европско тло, сепак најновиот извештај за нас содржи и позитивни, охрабрувачки сигнали.
Регионално сме вклучени во категоријата на „преодни/транзициски/хибридни режими“, а од оваа група единствено изземена е ЕУ членката, Хрватска. Дополнително, покрај Северна Македонија како држава која бележи напредок е и Босна и Херцеговина.
Текстот насловен „Нации во транзиција 2021“, освен за т.н. анти-демократски пресврт низ Европа, содржи и своевидна осуда на однесувањето на источниот сосед. Бугарската потпалувачка и национална реторика која зема замав особено во тамошното предизборие, е спомената во негативен контекст и е означена како причина за блокадата на европскиот пат на македонските граѓани. Континуираните закани за блокади резултираа со експлицитно вето во ноември 2020, кога беше спуштена рампата за отворање на нашите претпристапни преговори со Европската Унија.
Главната порака, сепак, е дека демократијата кај нас се подобрува и унапредува. Годинешниов извештај укажува на тоа дека простор за подобрување секогаш постои, но истовремено, овој извештај е и ветер во грб на ветените и планираните реформи и мотив повеќе да се работи на подобрување на севкупната состојба во македонското општество. Промени се можни и потребни, најитно во однос на независноста на правосудниот систем и антикорупциски подобрувања, а дополнителниот чекор напред сигурно нема да изостане ако ветеното навистина се имплементира.
Иван Дургутов