Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска се сретна со министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар.
На средбата, Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од Чешката Република за нашите евроатлански и европски интеграции. Тој искажа задоволство што Метнар ја посетува Република Северна Македонија во својство на земја – членка на НАТО. Истакна дека неговата презентација за безбедноста пред пратениците е соодветна и ќе придонесе за натамошното зајакнување на улогата на комисиите и на Собранието во целина, како и за натамошното демократизирање на нашето општество. Воедно, изрази благодарност што Вишеградската група е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западниот Балкан за добивање на членство во ЕУ, соопштија од Кабинетот на собранискиот спикер.
Џафери информираше дека во Собранието веќе е формирана Пратеничка група за соработка со Парламентот на Чешка и дека смета дека парламентарната димензија секогаш може да помогне во јакнењето на соработката помеѓу две земји во сите области.