„СДСМ е фаворит за престојните локални избори, но ние мора да предложиме, а граѓаните да изберат чесни и одговорни кандидати. Ќе овозможиме и членовите да гласаат или да се определат за некои од кандидатите. Верувам дека ова освежување со две третини нови членови во Централниот одбор, со нови луѓе на клучните позиции во партијата ќе продолжи во наредниот период и при изборот на кандидати за советници и градоначалници“ кажа генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер, Љупчо Николовски во неговото синоќешно гостување на вестите на Сител ТВ.
„Ние на вчерашниот Конгрес го разгледавме и усвоивме извештајот за работа на партијата помеѓу два конгреса, од 2016 до 2020, Имаме евиденција дека околу 6.400 проекти ветени од страна на нашите градоначалници и совети се испорачани, а околу 4.000 се во тек на реализација. Околу 1.900 не се започнати и треба да започнат во преостанатиот период од мандатот, односно ние детеално преку системот на следење на работа на партијата ја следиме работата“ кажа Николовски.
Тој додаде дека тие како партија ги следат сите проекти и ги мотивираат функционерите да ја забрзаат секоја испорака на резултати пред граѓаните и на локално и на централно ниво.
„Ќе ги искористиме сите модерни алатки кои што ги имплементиравме во изминатиот период, како целокупната реевиденција на над 80 илјади членови. Постапката за кандидирање на членови за кандидати за градоначалници и советници ќе започне кон крајот на месецот, а ние ќе направиме и истражување на јавноста за тоа што мислат граѓаните за одредени кандидати“ кажа Николовски.