За креирање на вистински политики кои ќе придонесат за унапредување на женското претприемништво во земјата потребно е да се обединат сите главни чинители, што ќе се постигне преку креирање на Националната платформа за женско претприемништво, порача Валентина Дисоска, претседател на Националната платформа за женско претприемништво и на Здружението на бизнис жени, на промоцијата на Националната платформа.
„Националната платформа за женско претприемништво“ е проект кој ќе трае три години и е во рамките на истоимениот проект, кофинансиран од Европската Унија, како дел од ИПА Програмата за Граѓанско општество и медиуми, а нејзини носители се Здружението на бизнис жени, Сојуз на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување-МИР.
-Преку Национална платформа за женско претприемништво сакаме да ги споиме сите активни чинители на ова поле и да создадеме поголема критична маса која ќе ја покаже потребата од посериозен пристап, во создавањето на можности за раст и развој на женското претприемништво во нашата држава. Главна цел на проектот е, зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, за креирање на јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво. Со инвестирањето во жените ќе се зголеми родовата еднаквост во општеството и ќе се промовира инклузивен и одржлив развој, рече Дисоска.
Националната платформа за женско претприемништво, додаде, треба да се изгради како главен социјален партнер за креирање политики и реформски процеси, и да овозможи промовирање на жените претприемачки како двигатели на промените. Јакнењето за женското претприемништво, посочи, ќе придонесе за економско јакнење на државата и општеството.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека политиките и мерките кои ги презема Владата се во насока на создавање на кохезија.
-Се стремиме кон една иста цел – европско општество во кое владее комплетна родова еднаквост и во кое жените од сите националности ќе бидат присутни во сите сфери на претприемништвото, индустријата и водењето на бизниси. Владата ги интегрира жените преку нивно стимулирање и охрабрување да се вклучат во создавање на сопствен бизнис и да ја почнат својата бизнис приказна, рече Битиќи.
Нагласи дека лично силно верува во потенцијалот на женското претприемништво и смета оти иднината на нашето европско општество во голем дел ќе се рефлектира токму таму.
-Чувствувам дека жените секојдневно стануваат се похрабри, а ние како Влада секојдневно им ги овозможуваме соодветните услови и околности да започнат сопствен бизнис и да си ги остварат сопствените цели, потенцира Битиќи.
Посочи дека очекува во наредните години да добиеме сосема поинаква слика и статистика за состојбата на женското претприемништво и оти е сигурен дека во голема мера веќе се остварени целите на стратегијата, а пречките и проблемите, како што рече, полека ќе ги надминеме.
Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори рече дека е загрижувачки фактот што додека се поголем број на држави во Европа, воведуваат законски загарантирано учество на жени на високи и одлучувачки функции, кај нас се бележи голем негативен тренд на ова поле.
-Податоците покажуваат, дека застапеноста на жените на високи корпоративни позиции, се намали од два на еден отсто. За да се надмине оваа состојба, и да се постигне економско јакнење на жените, потребни се нови политики, кои ќе ги гарантираат заслужените позиции на жените, вреднувањето на нивните квалитети, квалификации, способност и спречување на дискриминација при професионалното напредување, посочи таа.
За Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, развивањето на женското претприемништво ќе резултира со силна економија, намалена невработеност, поголемо учество на пазарот на труд, зајакнати семејни односи на сите жени, вклучувајќи ги и младите и жените од руралните подрачја.
-За многу рурални жени, развивањето на женското претприемништво, значи ставање крај на сиромаштијата, постигнување на безбедност со храна, промовирање на одржливо земјоделство и постигнување на родова еднаквост во руралните средини. Затоа е многу важно вклучување на жените во одлучувачките процеси на земјоделското стопанство и создавање на можности да развиваат деловни активности. Жените од руралните средини, се вклучени во неформални активности и имаат многу малку можности за вработување, а се уште само пет отсто од нив имаат права за сопственост, рече Мојсовска и нагласи дека Националната платформа за женско претприемништво е голем чекор кон економско јакнење на жените.
Проектот Национална платформа за женско претприемништво, според Емилија Андонова, проект менаџер во Фондација за менаџмент и индустриско истражување –МИР, треба да придонесе за видливоста и опфатот на платформата.
-Со креирањето и имплементацијата на Националната платформа за женско претприемништво, сакаме нашето, и искуството на сите наши соработници, да го примениме во процесот на развој и креирање на политики и реформи, да извршиме олеснување на структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни, да ги подобриме капацитетите на граѓанските организации кои поддржуваат женско претприемништво, како и да ја зголемиме видливоста за жените претприемачи како двигатели на промени во економската политика, истакна Андонова.
На денешниот промотивен настан, беше потпишана Декларација за поддршка на женското претприемништво.
извор: МИА