ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Одржување на ментална хигиена не е стигма, туку потреба

May 22, 2021 12:43
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА

Која е првата мисла којашто ви паѓа на ум кога ќе слушнете дека некој бил, односно сака да оди на психијатар? Дали во истиот момент потсвесно ѝ препишувате стигма на сметката на таа личност? Помислувате дека тој некој има проблем, неговата состојба е критична а можеби и почнувате да се чувствувате непријатно во нивна близина?!

Од мали нозе нѝ укажуваат дека посета на психијатар е знак на постоење на душевна болест, внатрешен немир. Истовремено нè учат дека пред секој оброк треба да си ги измиеме рацете а доколку играјќи си на улица паднеме, раната мора да ја исчистиме и преврземе. Лична хигиена. Грижа за своето здравје. Сите знаеме како да го одржиме физичкото здравје и како да практикуваме хигиена на забите, нели?! Го знаеме тоа уште од петгодишна возраст. Но, што знаеме за одржување на нашето психолошко здравје? Па, ништо. Што ги учиме нашите деца и внуци за емоционалната хигиена? Речиси ништо. Како е во ред да поминуваме повеќе време грижејки се за забите отколку што се грижиме за нашите мисли? Зошто нашето физичко здравје е многу поважно за нас отколку нашето психолошко здравје?

Вистината е дека трпиме психолошки повреди дури и почесто отколку физички. Повреди како неуспех, отфрлање или осаменост. И овие повреди исто така можат да се влошат ако ги игнорираме и тие можат да влијаат на нашите животи на ужасни начини. А сепак, иако постојат научно докажани техники што би можеле да ги искористиме за лекување на овие видови психолошки повреди, ние не го искористуваме тоа. Всушност, воопшто не ни паѓа на памет дека треба. „О, се чувствуваш депресивно? Ќе преспиеш, ќе помине; сето тоа е само во твојата глава”. Можете ли да замислите да му го кажете истово на некој со скршена нога?! – „О, ништо страшно, сето тоа е во твојата нога”.

Време е да го затвориме јазот помеѓу нашето физичко и психолошко здравје. Време е да ги направиме порамноправни.

Како што Стоиците проповедале 2.000 години, тоа што прави да се чувствуваме онака како што се чувствуваме не се самите работи и случувања околу нас. Тоа што влијае врз нашите емоции е начинот на кој размислуваме за работите што нè опкружуваат и нѝ се случуваат. Нашата перцепција за истите. Од огромна важност е стекнување навика за самоинспекција – да се запрашаме како гледаме на личен неуспех, што мислиме за своите постапки, своите грешки, дали се чувствуваме осамено или несреќно… Затоа што ако нашиот ум е убеден дека ние сме неспособни за нешто, односно дека е во ред да чувствуваме негативни емоции бидејќи сме ги заслужиле, и ако си поверуваме на тој внатрешен глас, тогаш ќе почнеме да се чувствуваме беспомошно и ќе престанеме да се трудиме. Како резултат, ќе бидеме убедени дека не можеме да успееме. Дека тоа што го чувствуваме е по наша заслуга. Дека не заслужуваме подобро. Мислам дека токму затоа многу луѓе функционираат под нивниот вистински потенцијал. Затоа што некаде на патот, некој личен неуспех односно погрешен чекор ги убедил дека тие не можат да успеат, дека не се доволни, а тие поверувале на тоа.

Кога еднаш ќе станеме убедени во нешто, исклучително тешко е да го промениме нашиот став. Нашиот ум и нашите чувства не се во толку добри односи како што мислиме. Често самите себе сме си најголеми непријатели. Сами свои душмани.
Никој повеќе не нè критикува отколку самите ние.
Никој повеќе не забележува маани во физичкиот изглед од самите ние кај себе.
Никој повеќе не нѝ кажува погрдни зборови отколку ние на самите себе.

Менталното здравје не е прашање на судбина или одлука – тоа е продукт од нашите навики. Метакогницијата е способност да се набљудува и да се размислува за сопствениот ум и за тоа како работи – и тоа е клучот за трајно ментално здравје. Повеќето луѓе дејствуваат на автопилот, особено кога станува збор за силни емоции. Со други зборови, често знаеме при непријатна ситуација да избувнеме со физичка агресија, да одговориме со сарказам или да се задлабочиме во некоја помалку важна активност која навидум ќе ни го одвлече вниманието. Не само што импулсивноста доведува до лоши одлуки, туку нè спречува да научиме нешто ново за нас самите. Виктор Франкл вели дека помеѓу стимулот и одговорот, има простор. Во тој простор е нашата моќ да го избереме нашиот одговор. Во нашиот одговор лежи нашиот раст и слобода. Следниот пат кога ќе почувствувате силна емоција, притиснете го копчето за пауза. Потоа запрашајте се: Што се случува во мојот ум во моментов?

Самосочувство значи дека во време на болка или страдање, се однесувате кон себеси како што би се однесувале кон добар пријател – на емпатичен, избалансиран и неосудувачки начин. Бидете научник во вашиот сопствен живот: набљудувајте што не работи, формулирајте нова теорија, тестирајте ја и видете како работи. Можете да најдете излез скоро од секоја форма на страдање, но само преку преземање акција навистина ќе продолжите понатаму. Бидете повеќе љубопитни за своите емоции и за вашите мисли. Сочувствувајте со вашата болка. Одржувајте ментална хигиена.

Верувам дека на секој му е потребно когнитивно преструктуирање за да ги промени некорисните ментални навики и моделите на размислување. Најдоброто место да започнеме со промена на нашите негативни или несакани мисловни навики е да научиме да ги идентификуваме и потоа да ги менуваме когнитивните нарушувања. Да станете сам свој пријател значи да се грижите за себе на начин на кој би се грижеле за некој што го сакате. И тоа е тешко. Но, тоа е неопходно.

Можете ли да замислите каков би бил светот кога сите би биле психолошки поздрави? Кога би имало помалку осаменост и помалку депресија? Кога луѓето би знаеле како да го надминат неуспехот? Кога тие би се чувствувале подобро во врска со себе и повеќе би верувале во нивната моќ? Кога луѓето би биле посреќни и поисполнети? Јас можам, бидејќи тоа е светот во кој сакам да живеам. И ако само се информирате и промените неколку едноставни навики и ставови – тоа е светот во кој сите можеме и би сакале да живееме.


Текстот е личен став на авторката. Сите права се задржани.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Македонија ги дозна можните ривали за квалификациите за СП во кошарка

May 13, 2025
Обид за киднапирање на жена во Париз. Фото: Скриншот од видео објавено на Х

(ВИДЕО) Обид за киднапирање на жена во Париз среде бел ден

May 13, 2025

(ВИДЕО) Зеленски: Путин се плаши од директни преговори со мене

May 13, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фото: О. Бошњаковски / ФРОНТЛАЈН

    Затворени 13 научни институти, уште 13 под силен мониторинг

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ФОТО) Скопјанката Чарна Невзати македонска претставничка на престижниот „Мис на свет”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски е тажен, сака авион – ама нема

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Која е најголемата цел на премиерот Мицкоски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Хоџиќ: Потребно е обединување на напорите на сите прозападни политички сили за брзо враќање на европскиот пат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk