„Главниот тест за секоја демократска држава се демократски партии. Прашањато е дали во тимот, во партијата и во државата, ќе говориме отворено или ќе молчиме организирано. Оваа држава падна кога сите почнаа да молчат, кога новинарите почнаа да се плаша“, истакна Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, доскорешна заменик-претседателка на СДСМ, во „Само интервју“ на Канал 5.
Таа порача дека за сите теми кои болат мора да се дискутира, и нагласи дека Заев никогаш нема да стане како Груевски.
„Кога зборуваме во рамки на партијата јас барам лојалност кон тимот и давам лојалност. Првата задача на лојален член е да ми ја каже вистината, каква и да е. Јас го зборувам тоа што го мислам и очекувам сите кои работат со мене прво да ми го кажат она што боли. Мојата сугестија е дека за сите теми кои болат мора да се дискутира. Прва задача е СДСМ да не им дава повторно простор на политичките кујни да доминираат. За сите теми кои болат, мора да се дискутира отворено. Ние донесовме ново време во земјава. Нема да дозволиме да се врати тоа време од режимот. Заев никогаш нема да стане како Груевски. Пред четири години обезбедивме слобода, а без слобода, нема правда“, рече Шекеринска.
Нагласи дека демократските влади не се имуни на грешки, ама се коригираат и додаде дека во овие четири години, по смената на власта во 2017 година, е постигнат голем напредок.
„Не сакам да се споредуваме со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сме неспоредливи. Тие во цела власт не дозволуваа обвинителството ниту да им се доближи. Денес имаме ситуација кога влијателни луѓе во Владата се под истрага или се во притвор. Мислам дека луѓето кои нè поддржуваат сакаат промените побрзо да се случуваат, ама се свесни дека е постигнат голем напредок. Демократските влади не се имуни на грешки, ама се коригираат. Нашата политика е многу јасна и потврдена на два изборни циклуси во меѓувреме и свесни сме дека сè уште има политики за кои треба да сработиме повеќе“, потенцира Шекеринска во „Само интервју“, на Канал 5.
Ј. Ѓ.