Бугарскиот претседателот Румен Радев вчера во Брисел изјави дека се очекува во втората половина на јуни да има напредок по прашањето за страт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, додека во исто време од Варшава полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау порача дека за Полска нема дилема оти земјава заслужува да почне преговори со ЕУ.
Крајно време е Европската Унија да ги исполни ветувањата и да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, вели германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, кој денеска доаѓа во дводневна посета на Скопје. Иднината на Западен Балкан е европска – треба да постапуваме одлучно сега за да нема сомнеж во тоа, пишува Рот на Твитер.
Во последните две недели повеќе од 100 илјади граѓаните се пријавиле за вакцинација на vakcinacija.mk, а бројот на заинтересирани надмина 400.000, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче. A вчера се аплицирани 6.940 вакцини на вакциналните пунктови низ земјава.
Во организација на Глобалното движење „Women in Tech“ денеска во 13 часот ќе започне втората 24-часовна Светска виртуелна конференција за жени во технологија на тема „Дигитална еднаквост за сите“. Конференцијата ќе започне во Париз и ќе продолжи 24 часа без прекин во живо со програми на различни локации низ целиот свет.
М. Миткоска