Во време на пандемија и високи температури жителите од стариот дел на градот, чии домови се лоцирани на улицата „Гоце Делчев“ веќе петти ден се без капка вода. Велат дека се навикнати на овој повеќе децениски проблем, но од време навреме од чешмите течела вода, сега велат се суви чешмите 24 часа.
Како што велат, мора да одат во другите населби и да полнат вода во шишиња и буриња.
„Оваа агонија не се издржува, затоа решивме да излеземе на улица“; велат жителите од стариот дел на Тетово.
„Велат држите хигиена. Како да држиме хигиена без капка вода. Ни доаѓаат сметки да плаќаме и ни доаѓаат извршители, ако доцниме неколку месеци. Како да плаќаме нешто, а не добиваме услуга. Само имаат некои образложенија, де цевка пукнала, де земјотрес па имало дефект, де ерозија па затоа имало дефект. Нас тоа не нѐ интересира сакаме чиста вода за пиење. Како само Тетово под Шар Планина да има толку голем проблем со вода“, вели еден жител на населбата Колтук.
Инаку се работи за недостиг на вода во населбите Колтук, Два Бреста, Певчина, Поток и дел од населбата Горна Чаршија, каде живеат над 3.000 жители.
„Тука сме Македонци, Албанци, Роми, сите со соочуваме со ист проблем и не само со водата и патот е за никаде, тука не се собира редовно сметот и мора да се замени водоводната мрежа, ова се дел од нашите барања и ако не се реши проблемот, не само протести туку ќе ги блокираме и улиците“, истакна Нафи Кучи жител на стариот дел на Тетово.
Од Секцијата водовод и канализација при ЈКП Тетово, велат дека се работи на дефект на старата и дотраена градска водоводна мрежа, на која екипи работат постојано.
Се надеваат дека наскоро дефектот ќе се санира, а со тоа ќе се стабилизира водоснабдувањето во овој дел на Тетово.
Инаку водоводната градска мрежа е стара речиси еден век и засега нема најави за нејзина реконструкција.
Зоран Димовски