Во ликовниот салон на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ попладнево е отворена изложбата на фотографии „Диего и Фрида, насмевка на половина пат“. Оваа ексклузивна изложба, која е отворена поради соработката на Центарот со Амбасадата на Мексико во Белград, е првпат во земјава и во Прилеп.
Екслузивната изложба опфаќа 96 црно–бели фотографии и артефакти преку кои се прикажува универзумот на Диего Ривера и Фрида Кало, уметници, кои се една од најконтроверзните двојки во нивната љубов, а чие влијание ги надминало светските граници. Изложбата ги открива, не само заемната страст на Ривера и Кало, туку и нивното заедничко ангажирање во општеството и во политичките збиднувања во тоа време во кое живеле. Сето тоа го овековечиле фотографите Питер Џулс, Гилјермо Самора, Николас Мареј, Едвард Вестон, Мануел Алварес Брава, Гилјермо Кала и Хуан Гусман.
Фотографите ги овековечиле различните етапи од животот на двојката Ривера-Кало, од љубовта до смртта, од нивното венчавање во 1929 година до 1954 година. Се отсликуваат бесконечното согласување и несогласување во првата половина на 20 век во Мексико. Изложбата е исклучителна можност преку фотографии да се запознае волшебната реалност на оваа двојка.
Диего Ривера е еден од најзначајните уметници, претставници на мексиканскиот мурализам, а Фрида Кало е позната како творец на автобиографски слики под влијание на народната мексичка и староседелска уметност.
Публиката изложбата ќе може да ја погледне до 10 јуни годинава.
извор: МИА