Се финализира списокот на хотели и сместувачки капацитети, каде македонските граѓани летово ќе може да ги искористат новите ваучери за туризам, овојпат во износ од 12 илјади денари. Со последниот ден во мај заврши и јавниот повик, на кој можеа да се пријават сите категоризирани угостителски објекти за сместување кои се лиценцирани и се во туристичките центри во земјава, како и туристичките агенции со „А“ лиценца.
Од Министерството за економија најавија дека наскоро ќе објават и јавен повик за сите лица кои сакат да добијат ваучер за туризам во вредност од 12.000 денари. Овој ваучер од двесте евра за користење на одмор им следува на сите лица со ниски приходи кои ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.
За разлика од ланскиот износ од шест илјади денари, овојпат властите одлучија двојно да ја зголемат вредноста на ваучерот, целејќи кон што поголема посетеност во домашните туристички центри, особено по намалениот обем на работа во угостителската дејност, предизвикан од корона пандемијата.
Од Владата соопштија дека основна цел на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор во туристичките центри во земјава и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа.
Хотелиерите, преку владината помош со ваучери, минатата година заработија околу пет милиони евра, откако испразнетите легла ги исполнија 60 илјади Македонци, кои решија да ги искористат ваучерите. Најмногу средства биле префрлени на сметките на хотелите во Охрид и Струга, а околу 25 проценти од ваучерите завршиле во зимските туристички центри, како Маврово и Попова Шапка.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја поздравија мерката и велат дека ваучерите ги даваат посакуваните резултати.
-Кампањата „Дома си е дома“ се покажа како многу успешна. Хаштагот „Дома си е дома“ бележи преку 3.500 објави, 10-те промотивни видеа се прегледани 32000 пати, а посетеноста на страницата „Норт Маседониа тајмлес“ е зголемена за 22,5 проценти, изјави неодамна директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.
Претходно и министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека и оваа година ќе продолжи да се реализира мерката „организиран одмор на работници со ниски приходи“.
-Ефектите од ваучерите за домашен туризам за граѓани со ниски приходи, кои како мерка за поддршка на туризмот за време на пандемија ги реализиравме минатата година, дадоа резултат, особено за домашните туристички капацитети. Оваа година во таа насока продолжуваме преку оваа мерка, која почна да се реализира првпат во 2017 година, изјави Бектеши.